Група на граѓани, на насилен и вандалски начин оневозможија да се одржи јавната презентација за предлог планот за делот околу Трнодол, велат од Општина Карпош, по инцидентот во општината каде беше нападнат службеник и беше направена материјална штета во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“. Очигледна е намерата, додаваат од таму, на одредена група граѓани, од политички или други побуди да прави кризни ситуации во Трнодол.

Како што велат од Општината, група на граѓани, уште на самиот почеток свесно и со намера сакале да предизвикаат инцидент.

– Општина Карпош целиот процес го води транспарентно. Токму затоа, го продолжи временскиот рок на спроведување на Јавната анкета која ќе трае 11 дена, и покрај тоа што законскиот минимум е пет дена. Во интерес на граѓаните, локалната самоуправа наместо до 15:30, го стави на увид новиот предлог ДУП, секој работен ден од 08.00 до 18.00 часот, каде карпошани преку пополнување на анкетни листови можат да ги дадат и своите сугестии.

Во изминатиот период, службите и градоначалникот Стефан Богоев одржаа средба со засегнатите граѓани, на која се постигна согласност за сите суштински работи. Исто така, постојано се информираа и медиумите за овој Предлог ДУП, а се одржа и брифинг со новинари – велат од Општината.