Општината Центар стана општина партнер на Европската платформа за намалување на ризиците од катастрофи, откако градоначалникот Саша Богдановиќ потпиша декларација на Европскиот форум во Рим, Италија. Форумот се одржуваше од 21 до 23 ноември годинава, а со потпишувањето на декларацијата УНИСДР – интегрирана платформа, Центар се заложи да развие одржливост на животната средина, ублажување на климатските промени, како и намалување на загаденоста.

Исто така оваа скопска општина се обврза да ги споделува целите и задачите на УНИСДР и официјално се приклучи во светската кампања и во Европската платформа како општина партнер. Форумот беше организиран од Владата на Италија и Канцеларијата за намалување на ризиците од катастрофи на Обединетите нации во партнерство со Европската комисија и Советот на Европа.