Општината Кисела Вода продолжува со реализацијата на проектот за воспоставување зелен катастар, во кој ќе влезат околу 1.400 дрвја што ќе ја обележат личната карта на општината. Со новите активности, за кои средства издвои локалната самоуправа, ќе бидат опфатени јавните зелени површини во урбаните заедници Цветан Димов, Бирарија и дел од Кисела Вода.

– Целта на овој проект е подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и заштита на животната средина. За секое регистрирано дрвце ќе има податоци за степенот на апсорпција на штетни материи преку утврдените индикатори на штетност, неговата старост, потенцијалната опасност и потребата од сеча. Ќе се утврди и можноста за засадување нови дрвца. Собирањето и анализата на просторни податоци за зеленилото ги врши фирмата „Трифор“ – информираат од Кисела Вода.

И овие информации, како и претходно забележаните, кои се однесуваа на зеленилото во училиштата и во градинките, ќе бидат поставени на официјалниот „Катастар за зеленило“, кој ќе биде достапен и на официјалниот веб-портал на општината Кисела Вода. Надлежните најавуваат дека активностите за дополнување на содржините ќе продолжат и во текот на наредната година.