Во трговскиот центар „Лептокарија“ се одржа настанот „Промотивен ден на мЗаедница“, наменет за промовирање на новата мобилна апликација за општината Карпош. Станува збор за првата мобилна апликација со која ќе се овозможи учество на граѓаните во локалните политики, пријавување проблеми, давање предлози и преземање иницијативи.

– Овој проект се овозможи преку соработка на локалната власт и центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ и УСАИД. Оваа апликација е иновативен метод за дополнително унапредување на комуникацијата меѓу локалната самоуправа и жителите на Карпош. Ова дополнително ќе ја зголеми ефикасноста на општинската администрација, затоа што граѓаните имаат можност директно да комуницираат со секторите при локалната самоуправа, но и да даваат свои креативни предлози и иницијативи за уредување одреден јавен простор – рече градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев.

Во текот на настанот се делеше и промотивен материјал и им се даваа насоки на граѓаните како да ја симнат мобилната апликација, од својот ИОС или Андроид-уред. Мобилната апликација е бесплатна за преземање преку Гугл плеј: https://goo.gl/Y9qhpE и ап стор https://apple.co/2SbERqJ за корисниците на паметни телефони.