Од општината Илинден информираат дека продолжува реализација на проектот за изградба и подобрување на системот за зафаќање и одведување атмосферски води. Во соопштението се вели дека во изминатиот период комплетно е исчистена каналската мрежа во населеното место Мралино, и тоа во должина од 2.500 метри, а притоа се изградени и нови канали во должина од 800 метри. Паралелно со нивелирањето на теренот и чистењето на отворените и одводните канали, од оваа локална самоуправа велат дека се поставени и пропусти во должина од 30 метри. Како резултат на чистењето на постојната каналска мрежа и изградбата на новите отворени канали, во населеното место Мралино е извршено и одводнување на површина од 670.000 квадратни метри, на која има 216 домаќинства со 820 жители.

Целта на чистењето е да се реши проблемот на жителите на ова населено место со високото ниво на подземни води и да се намали можноста од поплавување на куќите и имотите на граѓаните. Претходно, како дел од проектот наречен Чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали од почетокот на годината, па сè досега исчистени се 11.300 метри од каналската мрежа во приоритетните области на општината Илинден, при што се поставени вкупно 180 метри цевкасти пропусти. Од Илинден прецизираат дека поради рамничарскиот терен на кој се наоѓа oпштината, подложен на покачување на нивото на подземните води, интензивно и континуирано се работи на одржување на главните, секундарните и терцијалните одводни канали со кои се овозможува зафаќање и непречен проток на атмосферските води и високите подземни води.