Општината Аеродром почна акција за засадување 1.800 високоизраснати дрвја на целата своја територија. Со тоа ќе се разубави просторот околу основното училиште „Лазо Ангеловски“, улицата Бојмија и делот кај кружниот тек кај поликлиниката. Акцијата вклучува и засадување нови 75 зимзелени садници пред основното училиште „Александар Македонски“.

– Раззеленувањето на просторот е долгорочна мерка за зачувување на здравата животна средина, што е наш врвен приоритет. Исто така, во наредниот период ќе бидат опфатени и голем број други локации на територијата на општината, пред сѐ потегот пред поликлиниката „Јане Сандански“, на улиците Тодор Чангов и Бојмија, во населбата Мичурин, како и на други места – изјави градоначалникот Златко Марин.

Тој упати апел до граѓаните да поднесат барање до општината за засадување дрвја во нивните реони. За овој проект се издвоени 8 милиони денари од буџетот на општината, а исто толку се предвидени и за наредната година.