Фото: Маја Јаневска-Илиева

За скопјани Водно претставува едно од омилените места за рекреација на граѓаните. Особено сега, за оние со мали деца, за кои во саботите и во неделите планината претставува најблиското место за бегство од загадениот воздух. Во изминатиов зимски период проследен со обилни врнежи од снег движењето до омилената скопска дестинација беше значително отежнато. Имено, љубителите на планинскиот амбиент мака си мачат со качувањето или спуштањето од Средно Водно. Се создава метеж од големиот број автомобили, нивното циркулирање по патот и широките паркинзи, но најмногу поради неодговорно паркираните возила. Ова е главно и причината што ги оневозможува нормалното движење на рекреативците и одвивањето на сообраќајот. Да биде несреќата поголема белите дробови на Скопје се задушуваат од издувните гасови на автомобилите, а рекреативците влегуваат во уште поголема неволја. Во неделата што мина и минатиот викенд метежот бил толку голем што околу пладне градските автобуси не можеле ниту да се качат нагоре ниту да се спуштат од Водно, па многу од граѓаните рекреативци, некои заедно со своите деца, речиси два часа чекајќи изѕемнале на студот.

Поради споменатиот проблем, јавното сообраќајно претпријатие вчера се огласи со апел до граѓаните прописно да се паркираат, за да можат бесплатните автобуси на претпријатието непречено да ги превезат патниците. Проблемот со автомобилите на Водно меѓу граѓаните повторно ја отвора дилемата дали воопшто требаше да се укине првичната одлука на градот за забрана со автомобили да се оди до планината. Мноштво граѓани се јавија во редакцијата со поплаки во врска со ова и со барање оваа појава повторно да се стави на разгледување.

– Револтиран сум затоа што нели немаше во саботи и недели да се вози на Водно? Таква одлука беше донесена како начин да се намали загадувањето. А сега повторно има голем број автомобили што се качуваат на Водно и прават метеж. Исто така некои од автомобилите што веќе се качиле на Водно, а се непрописно паркирани дополнително го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Претходната недела толку беше закочен сообраќајот што двата автобуса од ЈСП не можеа да се разминат. Чекавме час или два за да се спуштиме од Водно. Каде е полицијата во вакви моменти, таа не си ја врши својата должност, иако знае дека се создаваат големи метежи во викендите. Навистина нема смисла да чекаш долго време за да стигнеш до центарот на градот, а не си толку далеку од него. Срамота е – вели еден од загрижените граѓани.

Но како и за други работи и за оваа скопјани се поделени во мислењата, едни сметаат дека треба да се оди со автомобил на Водно, а други дека не би требало. Забраната за качување на Водно со автомобил, која траеше кратко, некои сметаат дека била сосема оправдана.

– Не постои забрана за движење до Средно Водно, од денот кога беше донесена одлука уште во април 2018 година. Со измените на претходната одлука, која важеше околу пет месеци, се укина забраната за движење на автомобили на Средно Водно за викенди и празници и се воведе поскап паркинг, од 100 денари за првиот и по 50 денари за секој останат час. Паркингот на Средно Водно се наплаќа од 9 до 16 часот за време на викенди и државни празници, а сите посетители на Водно во овие денови можат да го користат и бесплатниот автобуски превоз до Средно Водно. Дотаму сообраќаат линиите: 25А од Автомакедонија до Средно Водно, потоа 25Б од Дом на печат до Средно Водно и линијата со број 25 од Транспортен центар до Средно Водно – велат од градот Скопје.

Исто така, важно е да се напомене дека во време на екстремно загадување на воздухот, на Водно е дозволено да се стигне со автомобил, но цената за користење на паркингот е двојно поголема.

– Градот Скопје не спроведува никаква мерка со која се забранува или се ограничува одвивањето на сообраќајот на Средно Водно. За време на надминувањето на прагот за загадување во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, една од мерките што ги спроведува градот Скопје во оваа насока е двојното зголемување на цената на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“, а тука влегуваат и паркиралиштата на Средно Водно и кај „Свети Пантелејмон“ – велат од градот Скопје.

Останува да се види дали гласот на јавноста ќе допре до надлежните, кои, секако, во интерес на граѓаните треба врз основа на реални согледувања и анализи што побргу да донесат одлука и истата таа јавно да ја аргументираат. Во спротивно, и граѓаните и надлежните институции воопшто нема да знаат што се случува, дали нешто е преземено во врска со овој проблем и какви се ефектите од тоа. Медиумите сепак ќе знаат, но за „карванот само да не си врви“ треба да се погрижат оние на кои граѓаните им ја дале довербата да се справат со проблемите од јавен интерес.