Во текот на денов три нови контејнери со зафатнина од 3,2 м3 беа опожарени од страна на непознати сторители на улицата Васил Главинов во општината Центар. Опожарените контејнери се целосно уништени и неупотребливи и истите во најкус можен рок ќе бидат заменети со нови садови.

– Апелираме до граѓаните на градот Скопје да престане вандализмот и уништувањето на садовите за одлагање на отпадот, за екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен. Во време на епидемија од глобални размери, ваквите инциденти предизвикуваат големи проблеми при одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го зголемуваат ризикот за ширење заразни заболувања. Во овие околности, граѓаните треба особено внимателно да ракуваат со урбаната опрема, а својот отпад да го одлагаат само во поставените садови, уредно спакуван во затворени ќеси, со цел да се намали можноста од создавање диви депонии и да се заштити сопственото и колективното здравје – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.