Само за три дена, непознати сторители опожариле пет сада за отпад во скопската општина Аеродром. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ информираат дека опожарените контејнери се целосно уништени и неупотребливи.

– Покрај финансиската штета што е нанесена врз ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје, овие инциденти предизвикуваат големи проблеми при фрлањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад. ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје апелира да престане уништувањето на садовите за отпад, за екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, во согласност со оперативната програма за работа – велат од „Комунална хигиена“.

Оттаму појаснуваат дека сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и да се санкционираат сторителите.