Инвестицискиот циклус за обнова и подобрување на водоводната и канализациската мрежа продолжува со дополнително поврзување на водоводната мрежа на дел од улицата Ратко Митровиќ и улицата на левиот брег на реката Мала Рада со улицата Сердарот, во должина од околу илјада метри.
– Продолжувањето на водоводната линија во должина од околу 1.000 метри на улицата Ратко Митровиќ, со дијаметар на цевки од 110 мм и 95 мм, во општината Кисела Вода, е дел од инвестицискиот циклус за подобрување и обнова на водоводната мрежа во Скопје. Покрај основните материјали што се дел од водоводниот систем, се поставуваат и РФИД-маркери за обележување на подземните инсталации, кои претставуваат технолошки напредни решенија за нивно полесно откривање – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“.