Од утре ќе почне да работи новото зонско паркиралиште, зона А02 кај манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези. Паркирањето на оваа паркинг-зона ќе се наплаќа за време на државните празници и за викендите од девет до 16 часот, информираат Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“. 

Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час 50 денари. СМС пораките за паркирање може да се испратат на бројот 144 144 од сите мобилни оператори во Република Македонија. 

– На паркиралиштето е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли на кои се наведени сите неопходни информации во врска со паркирањето, времетраењето и цената. Непрописното паркирање на ова паркиралиште и непочитувањето на сигнализацијата ќе се санкционира- се вели во соопштението. 

Градските власти информираат дека оваа новина е дел од оптималното решение за зачувување на планината Водно и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите.