Горат куќи од невнимание, стара инсталација и нестручно користење греалки Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопјанец остана без својата куќа, која беше зафатена од силен пожар, кој пеплоса сѐ што имало во неа. На просторот на кој до средата беше домот на 62-годишниот маж, вчера имаше само јагленосани остатоци од сѐ што имало во него. Куќата што изгоре до темел се наоѓаше на булеварот Трета македонска бригада, веднаш зад средното училиште „Димитар Влахов“. Таа била залепена до соседни две други куќи, а од пожарот во кој силно горел покривот имало опасност и тие да бидат зафатени.

Пожарот се случил во средата околу 20.30 часот, а според она што го кажуваат од противпожарната бригада на градот Скопје, најверојатно причина било сушењето текстил на греалка. Во куќата имало многу картоски кутии, а сопственикот зимава се греел на што ќе стигне. Пламените јазици од веќе потпалениот текстил предизвикале експлозија и на петлитарска плинска боца, која дополнително го проширила пожарот во внатерешноста на објектот. Станари од зградите до пругата во населбата 11 Октомври, велат дека чуле експлозијата и излегле на своите балкони за да видат што се случува, а веднаш потоа во темнината забележале дека гори куќа недалеку од железничката пруга. Пожарот го гаснеле шест противпожарни возила и 14 пожарникари до доцна во ноќта, а противпожарните возила си заминале речиси во 1 часот по полноќ. Од скопската противпожарна бригада информираат дека од 1 јануари досега бележат дури 80 пожари, бројка за која и тие се зачудени. Во неа се вбројуваат пожарите при палење оган на отворено од невнимание, но и од несоодветно вклучување на грејни тела во домовите во овие студени зимски денови. Честа причина за пожарите велат дека е и старата електрична инсталација, која се оптоварува со силни грејни тела, потоа со несоодветното приклучување и употреба на греалките, на кои никој не ги чита упатствата. Неисчистените оџаци се исто така честа причина за опожарување на домовите. Минатата година се запалиле дури 150 оџаци.

Во некои од сите досегашни пожари се опожарени куќи, во кои материјалната штета е голема. Пожарникарите кажуваат дека неодамна горела четирикатна куќа во скопски Сарај, а пожарот голтнал цели два ката од објектот, претходно до темел изгоре барака во скопската населба Драчево и објектот е во категоријата опожарени домови со најголема материјална штета досега.

– Зимава сериозен проблем за предизвикување пожари се електричните инсталации и грејните тела, кои се вклучуваат несоодветно и несоодветно се користат. Јаки греалки, на пример, се вклучуваат на слаби продолжителни кабли, купени евтино на пазар, а потоа штетите се големи. Сушењето текстил на грејни тела и човечкото невнимание исто така се честа причина, како што тоа беше со опожарената куќа во средата.

Минатата 2018 година од вкупно 1.570 пожари, 10 отсто се случиле поради неисчистени оџаци. Токму поради тоа мора да ја издигнеме свеста на граѓаните на многу повисоко ниво и веќе работиме во таа насока. Со една американска невладина организација и градот Скопје ќе подготвиме промотивни спотови, а промотивен материјал ќе дистрибуираме и летово за шумските пожари – вели Влатко Симоновски, командант на скопската противпожарна бригада.

И вчерашниот билтен на Министерството за внатрешни работи го потврди опожарувањето на куќата на булевар Трета македонска бригада, сопственост на О.Е. (62) од Скопје. Сопственикот бил под дејство на алкохол и ги нарушувал јавниот ред и мир и им ја попречувал работата на припадниците на бригадата за противпожарна заштита. Тому поради тоа и бил приведен во Полициската станица во Аеродром. Увид на местото на пожарот се вршеше вчера. Во пожарот, за среќа, немаше човечки жртви, ниту пак пламените јазици допреа некоја од соседните куќи. Пожарникарите велат дека најмногу внимавале пожарот да не се рашири и успеале во тоа. При извршената интервенција едно лице имало труење од чад, а откако добило кислород, било пуштено дома. Пожарникарите апелираат до граѓаните да бидат внимателни не само со грејните тела и нивниот начин на вклучување и користење, туку и да им овозможат пристап кога итаат за гаснење пожар.

– На последнава интервенција жителите се сетиле и ги тргнале автомобилите што им биле паркирани пред куќите за да ни ослободат простор и пристап кога нашите возила ќе пристигнат. Но, многу често се случува никој да не ни се трга на градските улици за да ни овозможи минување, а брзината на пристигнување на местото на случувањето е од големо значење. Затоа мора да ја издигнеме свеста на граѓаните на многу повисоко ниво, да знаат што значи опасност кога се случува пожар. И уште нешто, независно дали вклучиле кварцна печка за греење или имаат печка на пелети, мора да знаат дека само ако настане искра, пожарот е неизбежен. Не може да се користат плински боци со небезбедни вентили или да се преоптоваруваат слабите продолжителни кабли купени од пазар со јаки потрошувачи на електрична енергија. Има упатства на грејните тела, но никој не ги регистрира. Ако мислат дека со тоа оствариле економска корист, се излажале, зошто ако поради тоа настане пожар, ќе изгубат многу повеќе.

Несоодветните продолжителни кабли бргу ќе се загреат и ќе се стопат, а кога пламенот одејќи по ѕидовите ќе дојде до осигурувачите, пожарот е неизбежен. Исто така граѓаните мора да знаат дека пред да почнат со греењето во зимскиот период мора да ги исчистат оџаците, бидејќи токму неисчистените оџаци лесно можат да се запалат и од нив да настане пожар. Еве, нека ги користат субвенциите што ги дава градот за чистење на оџаците. Евидентно е дека 90 отсто од граѓаните ја гледаат економската корист, а од импровизациите со електричната енергија, последица се пожарите и огромната загуба. Огнот ќе им голтне сѐ што купувале цел живот – појаснува Симоновски.

Од противпожарна бригада на Скопје информираат дека токму поради зачестените пожари периодов имаат намера да организираат отворени денови за граѓаните да можат повеќе да ги едуцираат. Велат дека секој мора да знае како се користи противпожарен апарат или оти секој мора да знае што треба да направи ако му се запали маслото за јадење во тавата, која не треба секако да се фрли преку тераса зашто така може да се опожарат другите. Едукацијата е многу важен сегмент и тие велат дека ќе направат сѐ што можат во таа насока, било со директна комуникација или со делење едукативни материјали.