Фото: Маја Јаневска Илиева

Долгоочекуваниот единечен билет, кој граѓаните го бараа од воведувањето на електронската наплата во јавниот градски превоз, ќе го добијат од 1 ноември годинава. Билетот ќе биде во формат како „скопска“ со назнака за едно возење и ќе може да се купи во автобус. Градските советници вчера одлучија за цената на билетот, за кој и ЈСП предложи тој да чини 50 денари.

Новиот билет првпат на јавноста ѝ го покажа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на потпишувањето на договорот со МАН за набавка на новите 33 автобуси. За потребата од единичниот билет пишуваа и медиумите, кои во многу наврати нагласуваа дека од јавен превоз во Скопје немаат потреба само оние што живеат во градов. Напротив, најголем проблем да се качат во автобус имаа граѓаните од внатрешноста, кои не умееја да платат билет ниту преку мобилен телефон, кој за едно возење чини 40 денари. Во градски автобус имаат потреба да влезат и големиот број туристи што поминуваат низ градов, а тоа не можеа да го сторат токму поради непостоењето единечен билет. Странците не можеа да се снајдат со купувањето „скопска“ и со начинот на нејзиното функционирање. Сега со воведувањето на единичниот билет градски превоз ќе можат да користат и оние што живеат во Скопје, а ретко користат јавен градски превоз.