Претседателот Стево Пендаровски, денеска, со „Медал за храброст“ одликуваше осум припадници на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. Медалот за храброст им се доделува за покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност при извршувањето на задачите во справувањето со огнената стихија за време на пожарот во станбена зграда на ул. „Народни херои“, во Кисела Вода, при што придонеле за навремено извлекување на загрозените станари.

Во пресрет на Денот на независноста 8 септември, истакна претседателот Пендаровски, нивниот херојски чин е момент на обединување за сите нас како граѓани, честитајќи им за врвната професионалност и пожртвуваност.

Претседателот Пендаровски на денешната свеченост го врачи и признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, за посветено извршување на задачите при гаснење пожари на подрачјето на градот Скопје, отстранување на непосредната опасност за настанување на пожари, спасување на животот на граѓаните и заштита на имотот, загрозени од пожари и од експлозии, и останати активности во согласност со делокругот на работа.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, во името на Бригадата и на сите колеги пожарникари упати благодарност до претседателот Пендаровски за одликувањето со „Медал за храброст“, и за признанието „Повелба на Република Северна Македонија“.

– Бригадата за противпожарна заштита во оваа година се соочи со повеќе сериозни и тешки интервенции во коишто одговоривме максимално професионално и со нашата посветеност кон работата не дозволивме поголеми несреќи и катастрофи – рече Симоновски.

Пожарот што се случи во јуни годинава, во седумкатница во Кисела Вода, беше навремено изгаснат без загуба на човечки животи. Поради сериозни респираторни проблеми, на Универзитетската клиника за токсикологија беа хоспитализирани единаесет лица, од кои четворица пожарникари.