На улицата 9 Мај, кон спомен-обележјето посветено на 75-годишнината од Големата Победа денеска, се одржа свечена церемонија по повод 75 години од завршувањето на Втората светска војна.

На настанот учество зедоа претставници на дипломатски мисии акредитирани во Скопје, градоначалниците на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, почесниот конзул на Руската Федерација во Охрид, Велимир Стојковски, вработени во ЛУКОИЛ Македонија, руски сонародници итн.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, претставници од Советот на општина Центар, Амбасадата на Н.Р. Кина и амбасадата на Босна и Херцеговина и останати гости и граѓани положија цвеќе пред споменикот на Денот на победата над фашизмот. Со полагањето на цвеќе Богдановиќ и Баздникин симболично ја одбележаа јубилејната 75-годишнина од потпишувањето на капитулацијата на Јапонија и со тоа, завршувањето на Втората светска војна.

– Ви благодарам на сите кои дојдовте денес на улицата 9 Мај кон спомен-обележјето
посветено на 75-годишнината од Големата Победа, за да им оддадеме почит на оние кои ги дадоа своите животи за победата над фашизмот и направија сѐ за да се приближи крајот на Втората светска војна. Пред точно 75 години, на 3 септември 1945 година, заврши најголемиот и најкрвавиот конфликт во историјата на човештвото. Несомнено е дека важна улога во приближувањето на крајот на Втората светска војна одигра и движењето на отпорот во окупираните територии на европските држави. Во овој контекст, би сакал особено да ги одбележам хероите на народнооослободителното движење на Македонија, кои се бореле храбро и одважно. Како што знаеме, во антифашистичката борба учествуваа над 100 илјади луѓе. Шеесет и шест од нив го добиле највисокото одликување – Народен херој. Во редовите на македонските партизани се бореа и стотици наши сонародници, на кои денес им оддаваме особена почит. Во тој поглед, високо цениме дека заедничкото наследство на Големата Победа грижливо се чува во колективната меморија на македонскиот народ. Вечен спомен на паднатите, вечна слава на живите херои – истакна во неговиот говор амбасадорот Баздникин.

На 2 септември, 1945-та година, формално потпишаната капитулација, на бродот УСС Мисури, претставниците на Јапонија им ја предадоа на претставниците на сојузничките сили. Со овој чин и официјално се стави крај на едно од најтемните поглавја во поновата светска историја.

– Денес, се наоѓаме пред споменикот, подигнат годинава по повод Денот на победата над фашизмот, за уште еднаш да оддадеме почит на нашите претци, кои несебично и пожртвувано ги положија своите животи за светот повторно да живее во мир и единство. Заедно да продолжиме по патот на единството и напредокот. Со гордост да се сеќаваме на нашите ослободители и секојдневно да им бидеме благодарни за сите извојувани битки, затоа што слободата не ни е дадена на подарок – за слободата треба да се избориме – рече градоначалникот Богдановиќ.