За убиството на младиот Никола Саздовски, обвинетите Бесир Беља на возраст од 20 години и Скендер Демири 21 година, добија затворска казна од по 19 години. Од доживотен затвор се спасија само затоа што на денот на извршувањето на убиството немале наполнето 21 година. Тие на секој член од семејството на Саздовски треба да му исплатат по околу 15.000 евра за нанесена душевна болка. Третообвинетиот Јетон Љужа сѐ уште е недостапен за органите на прогонот. Инаку, обвинетите на судењето се изјасниле дека не се виновни за убиство на свиреп начин.

Деветнаесетгодишниот Саздовски, кој беше член на навивачката група „Комити“, беше брутално претепан на 29 јуни минатата година, откако беше пресретнат од тројцата напаѓачи на автобуската постојка во скопската населба Автокоманда. Тие најпрвин му побарале лична карта и, откако го легитимирале и тој им потврдил дека е Никола Саздовски-Саздо, физички го нападнале, со клоци и боксови го удирале по главата и градите и го претепале до смрт. Но обвинетите и нивните адвокати во текот на судењето тврдеа дека не станува збор за свирепо убиство, туку дека а Саздовски незгодно паднал, што било фатално за тој потоа да падне во кома и да почине на 9 јули 2018 година. Во обвинението стои дека Саздовски починал како резултат на добиените повреди. Дека обвинетите свирепо го убиле младиот Саздовски покажало и вештачењето на Судска медицина по реконструкцијата на настанот и во присуство на сведоците на случката.