По повод 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје, Атлетска федерација на Македонија во соработка со Град Скопје денеска организира Атлетска ноќна улична трка во централното градско подрачје, со старт и цел на плоштадот „Македонија“ во близина на Порта Македонија.

Патеката е кружна во должина од 1.200 метри и поминува преку плоштадот Македонија, сутеренот на Гратскиот трговски центар, покрај градската болница „Св Наум Охридски“ и Собрание на Република Македонија, преку „Рекорд“ и „Центар бар“ до плоштад Македонија. Се очекува учество на ученици од 10-тина средни училишта од Скопскиот регион, кои ќе се натпреваруваат во машка и женска категорија на патеката во должина од 1.200 метри или еден круг, додека во главната трка на шест километри се очекува учество на повеќе од 200 натпреварувачи во машка и женска конкуренција.

Стартот на програмата е закажан за 15 часот, додека училишните трки започнуваат во 15.10 за момчиња и 15.20 за девојчиња. Главната трка на шест километри ќе стартува во 15.30 часот.