Почна да се спроведува новото сообраќајно решение за Урбаната заедница „Владо Тасевски“ (потегот околу „Млечен“). Сообраќајното решение во голема мера се карактеризира со еднонасочен режим на сообраќај со цел да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, но и да се намали метежот.

Кога возилото од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов ќе се приклучи кон улицата Анкарска, ќе се соочи со мал дел двонасочна сообраќајница, а потоа се надоврзува на еднонасочниот сообраќај. Еднанасочниот режим на сообраќај се протега по должината на улиците: Анкарска, Багдадска (во најголем дел), Бахар Моис и дел од Борка Талески.

По должината на посочениот потег поставени се 300 нови сообраќајни знаци (вертикална сигнализација), а обележана е и нова хоризонтална сигнализација.

Од Општина Карпош ги повикуваат сите граѓани да го почитуваат новиот сообраќаен режим, кој има цел да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот имајќи предвид дека во оваа урбана заедница има и воспитно-образовни установи.