Нов урбан сквер и детски парк ќе добијат граѓаните на општина Карпош, на границата меѓу урбаните заедници Нерези и Тафталиџе 2.

Попладнево градоначалникот Стефан Богоев заедно со стручните соработници и членови на Советот на општина Карпош, го презентираше проектот на јавна презентација пред засегнатите граѓани од овој дел на Карпош, соопшти прес-службата на општината.

На овој начин дополнително ќе се оплемени просторот. Постоечкото зеленило ќе се зголеми со нови садници, а ќе биде поставена и урбана опрема, клупи, лед светилки, корпи за отпадоци и лулашки за најмладите.

– На празните и слободни површини, меѓу зградите, нема да никнуваат нови згради кои ќе го „гушат“ просторот, туку поставуваме ново зеленило. Слободните површини ги разеленуваме и ја задржуваме нивната автентичност, не ги уништуваме – рече Богоев.

Граѓаните имаа можност да го видат целосниот проект, преку претставените визуелизации од идејното решение, но и да се вклучат со свои забелешки и коментари.

Поздравена е идејата на локалната самоуправа да се фокусира на микро локации, меѓу зградите, каде што постоечкото зеленило било запуштено или неуредено.

Исто така, се разговараше и за безбедноста на овие нови урбани скверови и детски паркови.

Градоначалникот Богоев посочи дека ќе има постојан надзор над истите, со цел да се спречи уништување, но и да се зголеми безбедноста на посетителите.

Во завршниот дел од денешната средба се разменија мислења и за хигиената во Карпош и новата зелена офанзива во Општината.

Ангажирани се повеќе хигиеничари кои рамномерено се поделени низ сите урбани заедници.

Во изминатите десетина дена, комуналните служби на општина Карпош засадија и нови, 113 висококвалитетни дрвја во урбаните заедници: Владо Тасевски (Млечен), Карпош 1, Карпош 2 и Тафталиџе 1.

Маалските средби на градоначалникот Богоев и другите претставници од локалната самоуправа ќе продолжат и во претстојниот период, се додава во соопштението од општината.