Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новиот предлог-план на градот Скопје предвидува јасна хиерархија на учесниците во сообраќајот во Скопје. Со тоа им се дава приоритет на потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт и им се обезбедуваат безбедност, погодност и комфорност

Во изминативе години, градот ја подобри постојаната сообраќајна инфраструктура и изгради повеќе велосипедски патеки, за што повеќе да се користи велосипедот како превозно средство. Иако има подобрување на велосипедската инфраструктура, од денешна гледна точка се забележува дека сепак во градот недостигаат уште многу велосипедски патеки. На споредните улички воопшто нема решение за возење велосипед, нема пристап и нема доволно велосипедски патеки од еден до друг дел на градот, нема поврзување со постојните. Таму каде што има, постојат и најразлични пречки, како високи рабници, контејнери, паркирани автомобили, дури и несовесни пешаци. Сите овие недостатоци и недоследности треба да се отстранат што поскоро и да се преземат мерки за подобрување на состојбите на терен.

Во многу европски градови употребата на велосипедот како превозно средство не е никаков проблем затоа што има одлична инфраструктура. Исто така, на европските граѓани чест избор за превозно средство им е велосипедот, затоа што тој претставува превозно средство што не испушта штетни гасови и зафаќа мал простор во споредба со другите превозни средства. Граѓаните знаат дека неговата примена во градскиот транспорт има здравствени, еколошки, економски и транспортни придобивки. Зошто ваквите придобивки да не ги имаат и скопјани, а надлежните веќе размислуваат во таа насока.

За таа цел градот Скопје неодамна изработи нацрт-план за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје 2019 – 2021. Планот има цел да го унапреди велосипедскиот сообраќај. Во него се поставени конкретни цели, како проширување на велосипедската мрежа барем за 50 проценти. Според него, се предвидува зголемување на патувањата со велосипед во однос на вкупниот број патувања за пет проценти и нула загинати велосипедисти до 2021 година. Наедно се дефинирани конкретни мерки, како планирање нови велосипедски маршрути, донесување план за велосипедски паркинзи, воспоставување велосипедска станица при Транспортниот центар, донесување правилник за велосипедска инфраструктура.

Според невладината организација „На точак“, во него се опфатени сите важни области каде што треба да се направи некаква промена за да се унапреди велосипедскиот сообраќај. Неколку поважни промени во него се промена на приоритетите во транспортот, меѓуинституционална соработка, проширување на велосипедската инфраструктура и интелигентни транспортни системи. Овој предлог-план претставува чекор напред кога станува збор за унапредување на велосипедскиот сообраќај.

Една од најдобрите промени во нацрт-планот претставува усвојувањето јасна хиерархија на учесниците во сообраќајот. Со тоа им се дава приоритет на потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт и им се обезбедуваат безбедност, погодност и комфорност. Друга промена е воведување „зона 30“ и „зона на смирен сообраќај“ на улици од секундарна улична мрежа во изградени области. Во овие области се предвидува движење на автомобилите со брзина од 30 километри на час. Од здружението „На точак“ велат дека планот за „зона 30“ не треба да биде само за градските улици туку на ниво на целиот град.

– Онаму каде што нема велосипедски патеки и ленти, да се прогласат улиците за „зона 30“ и „зона 20“. Треба 30 километри на час да биде вообичаената брзина за најголем дел од мрежата, поточно за станбени улици што имаат издвоена пешачка инфраструктура како тротоарите. На овие улици вообичаено нема простор за посебни велосипедски патеки и ленти. Се смета дека автомобилите и велосипедите може безбедно да коегзистираат во простор каде што ограничувањето е 30 километри на час. За оваа мрежа да е целосно безбедна, побаравме измени на законската регулатива со кои на станбени улици и улици од пониска категорија ќе се дозволи возење велосипед на средина на коловозната лента, за што се надеваме дека ќе добиеме и поддршка од градот и општините. На тој начин би добиле стотици километри пријателска мрежа за велосипеди низ градот само со соодветни означувања – велат „На точак“.

Според здружението, 50 километри на час е брзина што е безбедна само кога се целосно физички издвоени пешачкиот, велосипедскиот и автомобилскиот сообраќај, што значи дека би требало таа да е дозволена само на некои, не на сите улици, од примарната мрежа што имаат издвоена и пешачка и велосипедска инфраструктура.
– Во таа насока, по примерот на Париз и Лондон, бараме во Скопје за стандардна брзина да се изгласа 30 километри на час. За повисоки брзини, улицата да мора „да заслужи“. Да се смени пристапот од досегашниот, каде што 50 километри на час е стандардна брзина, а кај зоните околу школите со пониски брзини – велат „На точак“.