На местото на поранешната полициска станица, која беше урната пред нецела година, Општина Ѓорче Петров изведе нов паркинг-простор, со 46 паркинг-места. За моторни возила се наменети 42 места, едно паркинг-место за возило на лица со попреченост и три паркинг-места за мотоцикли. Изведена е атмосферска канализација и поставено е соодветно осветлување, со што е зголемена безбедноста на граѓаните и намален е ризикот од кражби.
– Изградбата на паркингот е по барање на околните станари, кои со неговата изведба добиваат соодветно место за своите возила, а истовремено и зголемена безбедност во сообраќајот – информираат општинските власти.
Оттаму додаваат дека за три години во централниот дел на Ѓорче Петров се направени пет паркинг-простори, со капацитет за околу 200 возила, со што се решава проблемот со паркирање во општината.
Обезбедувањето соодветен паркинг-простор е од исклучително значење за непречено функционирање на сообраќајниот систем во општината.