Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оствари средба со сите хигиеничари, односно ангажирани сезонски работници во Општина Центар задолжени за одржување на јавната хигиена во општината, на која беше констатирано дека е потребна поголема хигиена во Центар.
– Еден од трите клучни проблеми во општината што ги лоциравме на многуте средби со граѓаните е јавната хигиена, затоа и во ЈП ПОЦ ќе биде формиран нов сектор за јавна хигиена. Јавната хигиена е слика на општината и сакам нашата да биде високопозитивна. За таа цел, ќе набавиме и нова цистерна за метење на улиците, како зајакнување на постојната механизација за одржување на хигиената во општината – истакна Герасимовски.
Тој неодамна оствари средба и со директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски, со кого ги договорија првите постапки за формирањето на новиот комунален сектор на ЈП ПОЦ.
Општина Центар е првата општина што ќе има свое комунално претпријатие во рамките на ПОЦ, кое покрај паркирањето, ќе се грижи и за јавната хигиена.
– Чистите улици ја поттикнуваат еколошката свест кај граѓаните, особено кај најмладите, кај кои се развиваат правилни навики за одржување чиста околина. Затоа сите да придонесеме општината Центар да биде европска општина и пример што ќе го следат сите други општини во државата – нагласи тој.