Фото: Маја Јаневска-Илиева

Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето почиста и поздрава животна околина, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани

СКОПСКОТО КОМУНАЛНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ГО ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА КОНТЕЈНЕРИ ЗА ОТПАД

Селекцијата на отпадот е начин на живот во сите европски земји и пошироко во светот. Одговорноста на населението кон селекцијата на отпадот и неговото разумно искористување и рециклирање одат во прилог кон заштита на животната средина, кон заштедување финансиски средства и кон реискористување на она што може да се искористи од отпадот.
Низ нашиот град веќе неколку години постојат посебни контејнери за селекција на отпадот, меѓу кои е и стаклото, кое е една од амбалажите што се рециклираат и реискористуваат.
Сепак, за жал, свеста кај нас е далеку од онаа во Европа. Иако е голем бројот на оние што одговорно вршат селекција на пластика, стакло и амбалажа, сепак, не е за занемарување ниту бројката на оние што не вршат селекција, туку отпадоците со стакло, пластика и ПЕТ-амбалажа ги фрлаат во контејнерите.

УШТЕ 60 КОНТЕЈНЕРИ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА СТАКЛО

Неодамна во Центарот за селекција на отпад во Карпош беше потпишан договор за донација на 60 сада за фрлање стаклена амбалажа, помеѓу јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, Град Скопје и Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ). Донацијата беше реализирана преку Заедницата на единиците на локална самоуправа и ГИЗ и се спроведува во рамките на проектот „Управување со отпад од стаклена амбалажа на Западен Балкан“.
– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје веќе има поставено 238 сада за фрлање стаклена амбалажа во сите скопски општини, кои граѓаните ги употребуваат за примарна селекција на својот отпад. Планираме 35 контејнери од садовите што денеска ни беа донирани преку ЗЕЛС и ГИЗ да бидат поставени во општината Гази Баба, а 25 од контејнерите да бидат лоцирани во општината Аеродром.
Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето почиста и поздрава животна околина – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

НЕКОИ СКОПЈАНИ СЕЛЕКТИРААТ

Во текот на минатата година, во центрите за селекција на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје беа транспортирани над 465 тони стакло и се надеваме дека годинава овој тренд уште повеќе ќе се подобри.
– Во текот на 2020 година, во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште се извршени селекција и балирање на вкупно 4.000 килограми пет-амбалажа, 14.040 килограми хартија и картон, како и 465.350 килограми стакло. Во истиот период во посебните садови за фрлање отпад од електронски и електрични уреди лоцирани во центрите за селекција сe оставени вкупно 4.590 килограми отпад. Наедно, „Комунална хигиена“ продолжува да им ја нуди можноста на граѓаните бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 7 до 19 часот – информираат од комуналното претпријатие.
Како што информираат оттаму, садовите за примарна селекција се поставени на територијата на сите скопски општини и континуирано се употребуваат од страна на жителите на Скопје.
За жал, не сите жители на метрополата активно селектираат отпад. Фрлањето ѓубре, независно какво, останува еден од најгорливите проблеми на денешницата за градските власти и комуналното претпријатие. Во некои населени места се гледаат фрлени ќесиња со разно ѓубре, почнувајќи од стакло до кабаст отпад.

[email protected]