Започна уредувањето на новиот зелен сквер, на аголот меѓу улицата Никола
Тесла и булеварот Илинден, во населбата Карпош 2. Тука ќе бидат засадени нови листопадни и зимзелени дрвја, а јавниот простор ќе се облагороди и со реквизити за деца, клупи за седење, канти за отпадоци, пристапни патеки, паркинг за велосипеди, чешма за пиење вода и лед-светилки.
Градоначалникот Стефан Богоев истакна дека во овој дел од Карпош недостигала ваква зона за рекреација на граѓаните.

– Како Општина Карпош, во изминатиов период, во близината на ова место направивме и нов маалски центар во Карпош 1, на улицата Иван Аговски, како и кај Драмскиот театар, во Карпош 2 (со поддршка на Град Скопје). Скверовите, маалските центри имаат цел да обезбедат рекреација за сите граѓани, повеќе зеленило во нивната населба и унапредување на маалскиот соживот – рече Богоев.
Овој зелен сквер го прави Град Скопје и е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на четири локации во главниот град. Градоначалникот Петре Шилегов се осврна на фактот дека во донесувањето на одлуката за новите зелени површини биле вклучени и граѓаните и била направена aнкета.
– Основата цел е уште повеќе да го облагородуваме јавниот простор, но и да го зголемуваме зеленилото во градот, меѓу булеварите, внатрешно во населбите – истакна Шилегов.

Општина Карпош и Град Скопје работат и на големиот парк, кој ќе се простира во продолжение на спортско-качувачката карпа до бунарите на реката Лепенец. Откако целосно се израмни теренот и се исчисти депонијата, сега се подготвува проектот за изведба на овој парк.
Изминатиов период локалната самоуправа постави и седум нови системи за наводнување на тревните површини, а беше воведена и двосменска работа на комуналните служби, за наводнување на новозасадените дрвја.