Јавното сообраќајно претпријатие Скопје потпиша договор со компанијата „Ман импортер Македонија“, за пробно користење нов екоавтобус.
Свои потписи на договорот ставија Кристијан Чушков, директор на ЈСП, и Ивица Вилјац, директорот на „МАН импортер Македонија“, кој информира дека овој автобус е осма генерација ЦНГ МАН-автобус. 

Возилото е произведено благодарение на 75-годишното искуство на компанијата во производството на автобуси на природен компримиран гас.
Новиот автобус е од типот „лајонс сити A21“, користи природен компримиран гас и има капацитет за превоз на 85 патници. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, кој троши минимално количество гас. Особена карактеристика за овој тип автобус е дека незначително испушта јаглероден диоксид и ПМ-честици. Автобусот е веќе пуштен во сообраќај и вози на линијата со број 5. Ваков вид екоавтобуси веќе се застапени на скопските улици и сообраќаат на линиите 5 и 2.

– На почетокот на овој месец во јавниот превоз е вклучен и електричен автобус, кој вози на линијата со број 15. Со ваков чекор само се потврдува заложбата за воведување еколошки, навремен и удобен јавен превоз, кој целосно ќе биде во функција на граѓаните, а притоа нема да се загадува животната средина – вели Кристијан Чушков.

За таа цел градот Скопје од буџетот за годинава предвидува субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари, а за приватни превозници во висина од 20 милиони денари.
Според Вилјац, користењето ваков автобус во јавниот превоз гарантира почист град. Х.Ј.