На булеварот АСНОМ, во Општина Аеродром, се засадија 300 нови листопадни и зимзелени дрвја што веќе напролет ќе развијат убави крошни, чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и ќе овозможат попријатни услови за прошетки низ овој дел на Скопје.
– Со овој дрворед ги потврдуваме новите стандарди на квалитет што го воведовме во текот на изминативе три години во нашиот град. Овде на булеварот АСНОМ се засадени 300 висококвалитетни дрвја – рече градоначалникот Петре Шилегов.

Тој додаде дека булеварот АСНОМ е модерно булеварско решение со по три коловозни ленти во секоја насока, тротоари и велосипедски патеки, средишно и странично зеленило со прекрасни дрвореди од двете страни, урбана опрема со клупи и канти за отпадоци и соодветно осветлување. Шилегов изрази уверување дека граѓаните забележуваат дека сите нови булевари Град Скопје ги гради во согласност со овие стандарди, а и не само новите, туку по овие стандарди се преуредуваат и постојните, на местата каде што тоа го дозволуваат просторните услови.

– Засадуваме висококвалитетни садници што веднаш влегуваат во екосистемот на нашиот град, а тоа е толку потребно за прочистување на воздухот како дел од секојдневната посветеност – моја, на градските претпријатија и на градската администрацијата. Тоа се стандардите што јас како градоначалник на овој град ги воведувам и ги охрабрувам и сите градоначалници да ги следат овие стандарди при изградбата на инфраструктурите објекти – нагласи Шилегов.