Жителите од комплексот згради покрај Вардар, во општината Ѓорче Петров, добија ново модерно енергетски ефикасно лед-осветлување. Просторот пред станбениот комплекс сега за станарите, како и за сите случајни минувачи, стана многу побезбеден и посигурен за движење во вечерните часови.

Од општината велат дека со ставање во функција на уличното осветлување, се заврши последната фаза од уредувањето на комплексот згради, веднаш до игралиштето ,,Македонски лавови“.

– Претходно, поставени се атмосферска, канализациска и водоводна мрежа и асфалт во должина од 400 метри. Со завршување на комуналните работи, општината доби уште еден модерен кварт за живеење за чија реализација се одвоени околу 12.500.000 денари – велат од општината Ѓорче Петров.