За некои луѓе Нова година претставува посебен настан, за други, пак, обичен ден. Едни долго ја планираат новогодишната прослава и веќе знаат каде ќе бидат за најлудата ноќ во годината, други, пак, се одлучуваат во последен момент. Некои претпочитаат новогодишно славење на градскиот плоштад, а други по ресторани, кафулиња, ноќни клубови или во својот дом. Во поново време, од пред неколку години, станува актуелно организирање новогодишни прослави во изнајмени куќи или станови. Изнајмувањето простор за една ноќ или два-три дена обично го практикуваат помладите. Некои од нив веќе се во потрага по простор во кој ќе се развесели организирана дружина. На онлајн-огласите и социјалните мрежи се бараат, но и се издаваат, станови за Нова година. Тие што бараат соопштуваат и цена што е прифатлива за нив, а таа се движи од 50 евра, па нагоре. Изнајмувачите, пак, на станови и куќи нудат цена за својот простор од 100 евра, па нагоре, во зависност од големината, локацијата, опременоста. Агенциите за недвижности не се занимаваат со изнајмување ваков простор, но тврдат дека им се јавуваат граѓани и бараат станови или куќи за организирање новогодишни забави.

Тие што годинава најпрвин ќе заминат на градскиот плоштад, ќе уживаат во новогодишната населба „Винтерленд“, која, покрај храна и пијалаци, ќе им понуди и добра забава со хрватскиот бенд „Парни валјак“. Љубителите на рок-музиката во новогодишната ноќ ќе се изнаслушаат и бившојугословенска рок-музика. Новогодишниот пречек на градскиот плоштад, секако, е најевтината варијанта, бидејќи граѓаните ќе мораат да го платат само она што ќе го испијат или консумираат. За престојот на отворено може да се собере големо друштво, кое воопшто нема да потроши за изнајмување простор, а ќе се грее со добра енергија и музика. Единствен непријател може да им биде загадениот воздух. Оние што не го сакаат забавувањето на отворено, особено помладата популација, веќе се организираат за групна забава за пречек на Нова година во изнајмен стан или ќуќа. Од агенциите за недвижнини нѐ информираа дека тие не изнајмуваат куќи и станови за новогодишна прослава. Претежно издавачите на становите не се заинтересирани за издавање на становите на краткорочен период на еден или два дена.

– Иако не издаваме станови и куќи за еден ден или за неколку дена, сепак граѓаните ни се јавуваат за такви услуги. Ние им кажуваме дека не нудиме такви услуги, особено за изнајмување простор за Нова година. Тоа е така затоа што нашите клиенти се претежно заинтересирани за долгорочно изнајмување на нивниот простор. Во однос на претходната година, оваа година има помалку јавувања од страна на граѓаните за вакви услуги – велат од агенциите за недвижности.

Но и покрај тоа што тие не ја овозможуваат оваа опција, сепак младите бараат и наоѓаат начини да дојдат до слободен простор, најчесто преку социјалните мрежи.
– Цената е различна, во зависност од големината, состојбата, како е опремен станот или куќата и кои можности ги нуди, како и од локацијата, и затоа не би можеле да дефинираме некои просечни цени за изнајмувањето. Доколку веќе
разговараме за бројки, искуството покажува дека цените почнуваат од 100 евра за една вечер, па нагоре. Цените се повисоки во централното градско подрачје, но во претходните неколку години тој тренд го следат и населбите во кои се градат повеќе станбени објекти, како Аеродром, Карпош и Кисела Вода – велат од агенцијата за недвижности „Левел 7“.

Во одредени случаи изнајмувачите потпишуваат договор со издавачите на простор, со кој се обврзуваат да ја надоместат евентуалната штета што ќе ја направат. Во други случаи, издавачите имаат одредени барања, меѓу кои го одредуваат и максимално дозволениот број на луѓе.

– Ќе се собереме околу дваесет, но не повеќе од 30 луѓе. За изнајмување на станот ни требаат 200 евра, а за новогодишната ноќ собираме по 1.000 денари. Преостанатите пари планираме да ги потрошиме на пиење и јадење, а за сите други работи што ни се потребни ќе се снајдеме. Некој од нас ќе донесе систем и звучници, друг лаптоп, трет украси за Нова година и така ќе ја поминеме новогодишната ноќ. Потпишавме договор во кој се наведува дека секоја причинета штета ќе треба да ја надоместиме. Така да ќе бидеме внимателни. Нашата цел е да си поминеме убаво, а никому особено да не му пречиме – вели млад скопјанец.

Оние што ќе решат новогодишната ноќ да ја поминат во ресторан, кафуле или ноќен клуб ќе мораат да издвојат најмалку 2.000 денари. Аранжманите во рестораните вообичаено вклучуваат неограничено пиење. Во кафулињата за новогодишна забава ќе мора да се издвојат најмалку 1.500 денари, минимум со два бесплатни пијалака. Слична е понудата и во ноќните клубови.