Новогодишната елка поставена на плоштадот „Македонија“ ќе блесне вечерва.
Палењето на светилките на елката точно во 19 часот ќе го означат отворањето на новогодишната населба Винтерленд. Во неа ќе се случуваат многу настани, кои ќе придонесат за збогатување на новогодишната атмосфера на граѓаните. Идејата на градот е да се долови празничниот амбиент во пресрет на новогодишните и божиќните празници.

– Осветлувањето на елката ќе го придружува настап на средношколскиот хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на градот Скопје, и тоа од „Никола Карев“, „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Васил Антевски-Дрен“, „Владо Тасевски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Панче Караѓозов“, кои околу половина час ќе изведуваат божиќни песни. Средношколците на плоштадот „Македонија“ ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар, кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, до плоштадот „Македонија“ – соопштуваат од градот.

На осветлувањето на новогодишната елка ќе присуствува и градоначалникот Петре Шилегов, кој ќе го означи почетокот на новогодишното празнување во Скопје.

Просторот околу елката е уреден како новогодишна населба со украсени куќички во зимски амбиент и катчиња за игра и смеа на најмладите. Во населбата Винтерленд, или зимска земја, на малата сцена секојдневно ќе се организираат настани на кои заинтересираните граѓани независно од возраста ќе можат да присуствуваат. Во населбата ќе има топ што ќе создава вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика и ќе се долови новогодишната магија.

Населбата ќе има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. На просторот околу елката, пак, ќе има дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички.

Официјалната празнична програма во центарот на градот ќе почне на 15 декември.