Деновиве, Општина Карпош започна со градежни активности во детската градинка „Распеана младост“ во Карпош 1, каде што целосно ќе биде реконструиран подот во оваа претшколска установа. Поради појава на влага во просториите, стручните лица го отстранија стариот паркет, при што подната површина ќе биде санирана во неколку фази.

– Првенствено ќе биде поставена нова цементна облога, за да се добие солидна основа на објектот. Потоа ќе се интервенира со нова акрилна хидроизолација во три слоја, која треба соодветно да го заштити просторот. И третата фаза подразбира монтирање на хомоген ПВЦ-под (линолеум), со дебелина од два милиметри и површинска ПУР-заштита, која е отпорна на бактерии и хемикалии – информираат од Општината.

Надлежните од Карпош го користат летниот период за обнова и санација на училишните и предучилишните установи на својата територија. Во таа насока, беа целосно реконструирани две училници во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, а во неколку училници во ООУ „Владо Тасевски“ во Козле беше поставен нов линолеумски под. Неодамна градинката „Мајски цвет“ во УЗ „Владо Тасевски“ доби нови прозорци, а истоимената градинка, која се наоѓа во „Тафталиџе 2, покрај новите прозорци, во претстојниот период ќе добие и нова енергетски ефикасна фасада.