Фото: Архива / Маја Јаневска-Илиева/илустрација

Летната сезона заврши и доколку угостителите-корисници на јавни површини сакаат да добијат одобрение за вршење дејност надвор од деловниот простор и одобрение за поставување урбана опрема за зимската сезона 2018-2019, треба да поднесат нови барања до градот, и тоа најдоцна до 31 месецов. Сите што сакаат да вршат дејност надвор од деловниот простор во зимската сезона и притоа сакаат да постават урбана опрема, ќе можат да го направат тоа откако ќе добијат одобрение, а сезоната започнува од 1 ноември и ќе трае до 30 март наредната година.

– Барањето за издавање одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор и одобрение за поставување урбана опрема може да го најдете на веб-порталот на градот Скопје, www.skopje.gov.mk, или во архивата на градот Скопје, во бараката 16. Корисниците на јавни површини што имаат одобрение од зимската сезона 2017-2018 година, треба да го достават оригиналот од стариот елаборат, новата тековна состојба, за сопствен имот – имотен лист за деловниот простор и дворното место и катастарски план за парцелата – соопштуваат од градот.

Оттаму додаваат дека по доставениот доказ за исполнетите обврски кон градот и општините, Градската управа се обврзува во рок од пет работни дена да издаде одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор и одобрение за поставување урбана опрема.

Сето ова во согласност со одлуката за утврдување стандарди за поставување привремени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје и во согласност со одлуката за утврдување потреба за поставување урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање одобрение за поставување урбана опрема.