Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје континуирано работи на одржување, подобрување и обнова на водоводната и канализациската мрежа во градот Скопје, за задоволување на потребите на корисниците. За исполнување на својата дејност и работните активности, во согласност со плановите за работа и инвестициските програми, реализира и инвестиции во сите сектори според нивните потреби.
Врз основа на потребите во работните процеси и инвестициските планови, водоводното претпријатие реализира набавка на две нови градежни машини (комбинирани), наменети за изведување ископи при зафати во водоводната и канализациската мрежа. Градежните машини ги задоволуваат најновите стандарди (Stage V) за емисија на издувни гасови и се во вредност од околу 13.500.000 денари.
– Со набавката на новите градежни машини, исполнуваме уште еден дел од планираните активности во однос на обновата на механизацијата, која во изминатиот период се дополни со цистерни под притисок и вакуум, товарни возила за превоз на патници и товар, камиони кипери, мобилни високопритисни пумпи за прочистување и одзатнување на канализациските линии, за зголемување на ефективноста и ефикасноста, но и мобилноста на екипите и механизацијата на територијата на градот Скопје. Овој инвестициски циклус за обнова на механизацијата бележи вредност од околу 90.950.000 денари и сите возила ги задоволуваат најновите стандарди Еуро 6, за емисија на издувни гасови. Со ова придонесуваме не само за подобрување на работните процеси и подобрување на услугите за граѓаните туку и за заштита на животната средина – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.