При поставувањето на контејнерите очигледно немаше плански пристап, на што укажуваат и граѓаните и многубројните велосипедисти, меѓу кои најгласни се од здружението „На точак“

Од неодамна градот Скопје постави нови контејнери со нов систем на работа. Но набргу со поставувањето на новите контејнери, почнаа да се појавуваат и проблеми поврзани со нив. Нивната површина и габаритност на одредени места одземаат дел од пешачките или од велосипедските патеки. Во градот општото ниво на сообраќајна култура е на ниско ниво, па затоа се случува на тој простор да има паркирани возила, кои дополнително го одземаат слободниот простор за движење на пешаците или на велосипедистите. Често се случува поголемите ќесиња со ѓубре жителите да ги оставаат пред новите контејнери, затоа што не можат да го фрлат отпадот внатре. На овој начин исто така се одзема и тој малку слободен простор околу контејнерот.
Поставувањето на контејнерите, очигледно, немаше плански пристап, од тие причини произлегоа сите посочени проблеми. Организациите како „На точак“ постојано ги посочуваат и во повеќе наврати апелираа до надлежните да го решат овој проблем, за да се ослободат и да им се вратат површините на велосипедистите и на пешаците. Наместо да се прошируваат велосипедските и пешачките патеки, како во сите европски градови, кај нас и тие што ги има со новите контејнери се одземаат, реагираа од невладината организација „На точак“. Како што може да се забележи, решение за контејнерите сѐ уште не е најдено, а покрај тоа несовесните граѓани опожаруваат некои од нив.

Во претходен допис од пред еден месец до градот Скопје тие изјавија дека ниту една велосипедска или пешачка патека не е целосно блокирана.
– Поставувањето на новите контејнери има и своја цена во просторот и во наредниов период ќе се отстрануваат сите видени пропусти и ќе има одредени привремени решенија. Во моментов ниту една велосипедска или пешачка патека не е целосно блокирана, туку на неколку патеки просторот и движењето се делумно отежнати – изјавија од градот Скопје во претходен допис. Како што може да се забележи, ситуацијата со контејнерите оттогаш, па досега не е сменета. Токму затоа здружението „На точак“ вчера организираше настан на темата „Вонредна критична маса 82 – Велоград во контејнер“.
– И покрај барањата од наша страна и од граѓаните што ги користат велосипедските и пешачките патеки, градот сѐ уште очигледно смета дека безбедното и непрекинато движење, како и конфликтот при движење меѓу пешаците и велосипедистите се помалку важни од правење анализа пред набавка и поставување урбана опрема – велат од здружението „На точак“.

Во европските држави вообичаено се применува сообраќајната пирамида на која на врвот е пешакот, на второ место велосипедот, а на последно автомобилот. Според сообраќајните експерти, мешаните пешачко-велосипедски патеки што постојат кај нас се со најнизок стандард на велосипедска инфраструктура. Со поставувањето на новите контејнери во реалноста може да се забележи дека не се овозможени ни најминималните стандарди.

Во „Прирачникот за инклузивно планирање и промоција на велосипедизмот“ од Институтот за социоеколошки истражувања во Франкфурт, се наведува дека дизајнот за велосипедските и на пешачките патеки се создава според големината, густината, потребата на целните групи и финансиските ресурси на градот. Повеќето урбанистички планови, кои опфаќаат централно и густо населени места во градот, треба да обезбедат простор за велосипеди и за пешаци од 300 метри, при што му се дава можност на корисникот да се движи наоколу во опфатената област. Кај нас во некои случаи слободна површина има помалку од 80 сантиметри. На овој начин се оневозможува и се ограничува мобилноста на пешаците и на лицата со инвалидитет.

Сево ова е спротивно на целите од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 г., се наведува во пријавата од здружението „На точак“ до градот Скопје. Овој проблем во другите држави се решава на тој начин што контејнерите се поставуваат на самите коловозни улици, при што одземаат дел од нив, а не од велосипедските или од пешачките патеки. Од „Екосвест“ велат дека на ваков начин се обесхрабрува возењето автомобили. Добар пример е градот Барселона.