Привршуваат градежните работи на новиот мост на булеварот АСНОМ, кој според планот се отвора за употреба во текот на наредниот месец. Мостот е веќе споен по интензивните градежни работи од двете страни на реката Вардар, соопшти Град Скопје.

Од таму велат дека Скопје по повеќе децении добива нов мост, кој овозможува брза врска на најнаселената општина во Скопје – Аеродром, со Гази Баба преку централното градско подрачје. Со новиот мост се зголемуваат функционалноста и динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ трите општини.

Како што велат од Градот, мостот на булеварот АСНОМ се изведува во согласност со сите современи стандарди за изградба и е граден со најквалитетни материјали.

„Кога зборуваме за функционален и поврзан град, зборуваме за нови мостови. Во Скопје два моста истовремено не се граделе со децении. Едниот го завршуваме есенва, а другиот штотуку го почнавме. Вардар нема да го дели Скопје, туку ќе го спојува“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Новиот мост има 6 коловозни ленти, со енергетски ефикасно ЛЕД-улично осветление, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќање. На новопробиениот булевар и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот ќе има дрворед, кој ќе биде засаден од двете страни.