Кружниот тек е осветлен со лед-осветлување од 24 канделабри

Заврши изградбата на кружниот тек во Чаир, помеѓу улиците Втора македонска бригада и Кемал Сејфула, а граѓаните веќе можат да го користат новото сообраќајно решение. Ова сообраќајно решение почна да се гради на 22 јануари годинава, а по неколку месеци изградбата финишира со оваа кружна крстосница, со надворешен радиус од 11,5 метри и со асфалтна површина од околу 3.800 квадратни метри. Исто така беа изведени и водоводна мрежа и атмосферска и фекална канализација.

Просторот е осветлен со лед-осветлување, со вкупно 24 нови канделабри, со висина од по седум метри. Околу кружниот тек е изведена и велосипедска патека, која во текот на оваа сезона, како што најавуваат градските власти, ќе се продолжи по улицата Кемал Сејфула, за да се овозможи приклучување на овој дел од градот во велосистемот на Град Скопје.

– Станува збор за инвестиција вредна околу 20 милиони денари, инвестиција што ќе им овозможи на граѓаните од овој дел од градот поголема безбедност во сообраќајот, имајќи предвид дека во непосредна близина на овој кружен тек се наоѓаат ОУ „Петар Здравковски-Пенко“, средното училиште „Арсени Јовков“ и поликлиниката „Чаир“. Инвестирањето во инфраструктурата на северниот дел од градот е многу битно за развојот на градот – вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.