За поголема сообраќајна безбедност на учениците, пред ООУ „Браќа Миладиновци“ во населбата Островo е поставена целосно нова вертикална и хоризонтална сигнализација. За учениците од ова училиште вчера се одржа и сообраќајно едукативно предавање.

– Новата сигнализација вклучува легнати полицајци и сообраќајни знаци за предупредување, со што се зголемува безбедноста на учениците, како и на другите учесници во сообраќајот. Во изминатиот период иста ваква сообраќајна сигнализација беше поставена и пред училиштето „Блаже Конески“ во населбата Мичурин, како и на улицата пред училиштето „Александар Македонски“ и градинката „Сонце“ во Реонски центар – Аеродром. Општината за овој проект од својот буџет издвои околу еден милион денари – соопштуваат од општината Аеродром.

Во ООУ „Браќа Миладиновци“, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со општината Аеродром и „Триглав осигурување“, одржа едукативно предавање и за првоодделенчињата, на кои им подели флуоресцентни елечиња. Целта на оваа акција е поголема видливост на децата во сообраќајот и нивна едукација за основните сообраќајни правила и прописи.