Сензорните соби на основните училишта „Лазо Трповски“, „Аврам Писевски“ и „Јан Амос Коменски“ неодамна добија нови реквизити и училишни помагала за учениците со попреченост.
Овие материјали придонесуваат за полесно вклучување на лицата со аутизам во наставата, нивна поголема социјализација и директна комуникација.
Станува збор за интерактивни табли, топки и предмети со топчест облик што овозможуваат развој на моториката кај најмладите.
Локалната самоуправа оваа недела одржа и јавна дискусија за поголема вклученост на младите со попреченост. Дефектолози, педагози и родители дискутираа за намалување на бариерите во наставата.
Имено, Општина Карпош, во соработка со здружението ТАКТ, го спроведува и проектот „Спорт за развој, спорт за сите“, кој овозможува физичка активност и за учениците со попреченост, како и стекнување вредности преку спортска игра. Сите чинители се согласни дека физичката активност и правилната работа со учениците со попреченост придонесуваат за надминување на дел од проблемите и отстранување на пречките со кои се соочуваат во текот на воспитно-образовниот процес.