Секторот Канализација при јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, за потребите на новото јавно претпријатие под закрила на Град Скопје, ЈП „Лајка – претпријатие за хуман третман на животни скитници“, во текот на изминатите две недели интензивно работеше на одводнување и приклучување на отпадните води на објектот.
Имено, за таа цел беа направени 16 приклучоци на санитарни јазли за тоалети и одводи за боксови за кучиња. Четиринаесет од нив се со големина на цевката ф110 милиметри, а две се со големина од 160 милиметри. Во текот на работните активности беа изведени три шахти, беа сменети и вградени осум капаци за шахти (тежок тип) и еден бетонски капак. Истовремено беше изведена и мрежа со големина на цевката ф200 милиметри и ф160 милиметри, во должина од околу 100 метри.
Со поставување на водоводната мрежа и со решавањето на прашањето што се однесуваше на одведување на отпадните води, се обезбедени услови за основните потреби на ова претпријатие и за негово почнување со работа и нормално функционирање.