Генералниот директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, во текот на оваа недела спроведе увид на оперативните активности за реконструкцијата со дислокација на водоводната мрежа по должината на улицата Лазар Поп Трајков, во Автокоманда, Општина Гази Баба, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
– Една од нашите цели е да се зголемат инвестициите во подобрување на водоводната и канализациската инфраструктура во градот. Инвестицијата за проектот на улицата Лазар Поп Трајков е близу 15 милиони денари. Со реализацијата на овој проект, чија техничка документација е усогласена и изработена врз основа на решенијата за хидротехничката инфраструктура во деталниот урбанистички план за урбаната заедница Автокоманда, старата салонитна мрежа ќе се замени со нова водоводна мрежа од лиено железни цевки со дијаметар од 100 милиметри во должина од 835 метри, што би значело изградба на водоводна мрежа со соодветен профил и материјал.

Со реализацијата на овој проект ќе се извршат и реконструкција на постојните приклучоци на објектите што гравитираат на овој дел од улицата, приклучување на друга постојна улична водоводна мрежа на проектираната, поврзување на истата таа на две постојни улични водоводни мрежа со дијаметар од 100 милиметри на улицата Трифун Хаџи Јанев и ф100 милиметри премин под булеварот Александар Македонски, со што ќе се овозможи оформување циркулациски прстен – посочи Душко Весковски, генерален директор на „Водовод и канализација“.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, го изрази своето задоволство за препознаената потреба за оваа инвестиција во Општината, со што граѓаните од овој дел на Гази Баба ќе добијат поквалитетно водоснабдување.