Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје континуирано продолжува со реализација на проектите и инвестициите што се однесуваат на обнова и реконструкција на водоводната и канализациската мрежа, самостојно, но и во соработка со општините и со Град Скопје.
Во текот на завчерашниот ден, генералниот директор на „Водовод и канализација“, Душко Весковски, со градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, изврши увид во работните активности за изведба на новата водоводна мрежа на улицата Антон Попов, во општината Гази Баба.
– Новата водоводна мрежа, во должина од 710 метри и дијаметар од 200 милиметри, на улицата Антон Попов е во вредност од околу 16 милиони денари. Со реализацијата на овој проект ќе се изврши замена на старите азбестни цевки и ќе се создадат услови за приклучување на постојните објекти на оваа нова линија. Новата водоводна линија на улицата Антон Попов ќе биде поврзана на постојната водоводна мрежа на улицата Христофер Жефаровиќ, која ЈП „Водовод и канализација“ ја изведе во 2019 година, со што ќе се обезбеди кружно циркулирање на водата. Продолжуваме со инвестициите за обнова и реконструкција на водоводната и канализациската мрежа во градот Скопје, за нејзино подобрување и подобрување на услугите кон граѓаните – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.