Фото: Маја Јаневска-Илиева

Улицата Цветан Димов веројатно е една од сообраќајниците во градов на кои секојдневно се случуваат најмногу сообраќајни прекршоци, a ниту казните не ја поправаат сликата. И завчера полицијата беше таму и казнуваше. На оваа улица прекршоци прават како возачите, така и пешаците. Токму поради хаосот на оваа главна артерија за влез и излез во Чаир многу често се случува да се создаваат сообраќајни колони, било да е тоа во утринските или во попладневните часови. Колоните не се постојани, откако градот во одредени делови ја прошири улицата, но сепак се случуваат и им создаваат нервози на возачите.

Тие што секој ден сообраќаат по Цветан Димов добро знаат дека треба да возат внимателно, бидејќи никогаш не се знае од каде ќе им претрча пешак. Често пешаци скокаат и преку булеварската жардиниера и директно застануваат пред автомобилите, давајќи им знак со рака да застанат за да поминат. Во овој дел на Чаир улицата се преминува не само на необележен пешачки премин туку и пред цели сообраќајни колони, независно што сите верижно кочат и некој може да настрада. Речиси ретко кој од пешаците го користи висечкиот премин кај „Чаирчанка“. Од едната на другата страна на улицата се преминува каде било и во секое време. Не може а да не се забележи дека од спротивните улички што водат кон населбата Гази Баба возачи се приклучуваат често влегувајќи со голема брзина.

На многумина не им се чека, а притоа никој не води сметка за тоа дека е дел од создавањето на хаосот и уште помалку за тоа дека нивното однесување може да предизвика и кобни последици по нечиј живот. Голем дел скопјани кога возат по оваа градска улица често знаат да кажат дека треба да се отворат не четири туку шест очи, бидејќи учесниците во сообраќајот немаат никаква сообраќајна култура. Паркирањето е најголем проблем што го отежнува сообраќајот, бидејќи возилата се оставаат на коловозната лента и по тротоарите. Паркираните возила од левата и десната страна на коловозот узурпираат по една цела сообраќајна лента и со тоа се отежнува протокот на возила. Ниту како пешак не може да се помине поради паркираните автомобили на многу делови од тротоарите. Возилата се оставаат пред дуќаните или угостителските објекти. Јавниот простор пред овие објекти е узурпиран и од нивните производи или маси и столчиња. Се узурпира дури и булеварската метална ограда, на која се потпираат производи за продажба. Од СВР-Скопје ни потврдуваат дека ги констатираат сите овие сообраќајни прекршоци и тврдат дека постојано им изрекуваат казни на прекршителите.

Додаваат дека често интервенираат и со повикување на пајак-службата на градот Скопје за да ги отстранат непрописно паркираните возила. Велат дека казни се изрекуваат, но прекршители константно има.
– Од 1 јануари до 23 април годинава на територијата на Чаир, односно на улицата Цветан Димов, во делот на ТЦ „Чаирчанка“, по основа на најчести сообраќајни прекршоци што ги прават возачите се изречени вкупно 100 мерки по различни членови од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. По основа на забрането паркирање и запирање на коловоз, глобата изнесува 45 евра или 25 негативни поени, додека, пак, по членот за забрането паркирање и запирање на тротоар, глобата изнесува 150 евра или 35 негативни поени.

Се казнува и поради тоа што се забранети паркирањето и запирањето на велосипедска патека, автобуска станица, пред влез, објект, зграда, а глобата изнесува 40 евра или 25 негативни поени -информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека возачите што постапуваат спротивно на сообраќаен знак се казнуваат 45 евра или им се впишуваат 25 негативни поени.
Од Одделението за безбедност на патниот сообраќај на патиштата при Секторот за внатрешни работи-Скопје тврдат дека континуирано преземаат и во иднина ќе преземаат соодветни законски мерки во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.