Многумина пишувале и истражувале за скопскиот земјотрес, а Владимир Плавевски, авторот на романот „Земјотрес 5.17“, посветен на катастрофата за „Нова Македонија“, ја раскажува својата приказна

Спиев и сонував дека се возам во воз и ме тресе така возот и влегува во тунел. Се разбудив и брзо сфатив дека не сум во возот, со кој во 8.30 часот со извидници требаше утрото на 26 јули 1963 година да патувам на море, а моите родители и брат ми веќе беа на одмор во Задар. Иако бев дете на 14-годишна возраст, сфатив дека има земјотрес, и тоа не од оние послабите. Лупаа прозорците, орманот во мојата соба се лулаше, паѓаа чаши од витрината, шетаа масата и мојот кревет, а лустерот силно удираше во таванот. Само дваесетина секунди траеше ударот и потоа забележав низ отворениот прозорец дека надвор се крена огромна прашина. Живеев на Бит-пазар, на улицата Цветан Димов број 4, влез трети, стан број 9, во нова зграда до амбулантата на Бит-пазар, истата таа што сега е до мостот. Вака ја започнува својата вистински доживеана приказна пред 55 години, на денешен ден, Владимир Плавевски, инаку и автор на романот „Земјотрес 5.17“, дело посветено на катаклизмата на Скопје во 1963 година, во која загинале 1.068 луѓе, а 3.000 биле тешко повредени. Плавевски во романот раскажува драматична приказна, а сугестивно и сликовито ги опишува катастрофата, животните премрежиња и страдањата на скопјани во земјотресот. Приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, меѓу кои и податоци од дневниот весник „Нова Македонија“. На тој кобен 26 јули 1963 година, во урнатините на градот завршиле многу љубовни приказни, се разделиле многу семејства, но имало и такви што повторно се прегрнале. За својата, со многу детали зборува Плавевски.

– Тешко успеав да станам од мојот разнишан кревет, а на ѕидот до него видов како се појави огромна дијагонална пукнатина. Првин настана тишина, а потоа чув силно викање од соседите. Брзо облеков куси панталончиња и маичка и тргнав да ја отворам вратата, ама не можев, беше заглавена. Ми се нишаше уште тлото под нозете, кога едвај успеав да ја отворам вратата и тргнав од третиот кон вториот кат. Соседите беа кој по гаќи, кој по маици, ношници, некои се покриваа со чаршафи. Пред зградата се појави мојата баба, која рано отишла на пазар да ми купи нешто за јадење за по пат. Кога ме виде, силно извика: „Владо жив си!“ Била пред продавница, сакала да ми купи симит-погача, кога почнале да паѓаат керамиди, па помислила дека се случува бомбардирање, па кога сфатила дека е земјотрес, куршум тргнала накај дома – раскажува Плавевски. Во катастрофата, вели тој, 90 отсто од куќите во околината биле срушени, а луѓето излезени на улица биле опсипани со прашина. Се слушале плач и викање. Набргу почнале да стигнуваат гласини за тоа кој загинал, кого не можат да го извадат од урнатините.

Разрушени обиекти во Скопје

– Јас уште мислев дека треба да заминам на одмор и дека треба да одам на железничката станица, кога дојде човек и кажа дека се срушила станицата, потоа Народна банка, па хотелот „Македонија“, новите згради на плоштадот „Слобода“, новите модерни згради во Карпош, втората, дванаесеттата и тринаесеттата биле како пресечени со нож. Се срушила и половина зграда од гимназијата „Цветан Димов“, која тогаш се наоѓаше кај денешна МАНУ. Се провре и гласина дека напукнала браната на Матка и дека водата ќе нѐ однесе, па дека напукнал и Камени мост. Со некои луѓе тргнавме да одиме до плоштадот да видиме, а од чаршиските дуќани имаше истурено злато, слатки, но никој ништо не земаше. Кога стигнавме, видовме дека мостот не е напукнат, а Народна банка беше срушена. Војници вадеа мртви луѓе од под урнатините и ги редеа еден до друг. Офицерскиот дом беше срушен до половина, предниот дел од Домот на ЈНА беше однесен, а пред хотелот „Македонија“ имаше здробени автомобили. Глетката беше страшна – се присетува Плавевски и додава дека до вечерта бил воведен полициски час, од 21 навечер до 5 наутро.

По катастрофата следувале и афтершокови, а потоа тлото постепено се смирувало. Граѓаните и следната ноќ додека спиеле, ги треселе послаби земјотреси. Плавевски си спомнува дека некаде по два-три часа се огласило Радио Скопје со информација дека Скопје го погодило земјотрес со 10 степени по Рихтер. Сите радиостаници од тогашна Југославија го пренесувале Радио Скопје. Набргу небото било преполно со авиони, кои почнале да носат хуманитарна помош од сите страни. Температурата тој ден била 30 Целзиусови степени.

Утредента, раскажува тој, почнале да пристигнуваат и камиони од кои се делеле минерална вода „књаз милош“, векни леб, домати и сирење од канти. Попладнето се делеле и макарони, шпагети, сол и шеќер од сите југословенски републики. По неколку дена стигнале и шишиња со „синалко кола“, паштети, конзерви и други месни производи. Се делеле шатори, кои се поставувале на празни простори во паркови, покрај Вардар, па дури и во Зоолошката градина и секаде, само не во близината на објекти. Пристигнал глас дека Скопје ќе се гради кон Зелениково, а потоа дека Јосип Броз-Тито ќе пристигне на плоштад. На секоја улица имало војници со пушки в рака, а народот почнал да се собира на плоштадот, каде што навистина се појавил Тито заедно со Крсте Црвенковски, тогашниот генерален секретар на ЦК на Македонија. Тито бил облечен во бело и сите му скандирале „Тито, Тито“ и се поздравувале со него.

– И јас се ракував со Тито и видов како го погледна Офицерскиот дом и тогаш рече „Скопје ќе го изградиме на истото место, каде што е“ и ни олесна на сите. Потоа почна полека состојбата да се стабилизира, сите се вратија на работа. Мајка ми работеше во Железничко-транспортното претпријатие, татко ми во Радио Скопје, кое тогаш беше кај денешниот Соборен храм. Набргу потоа гледавме како нагрнаа механизација, копачи, камиони, руски војници. Од САД се испрати специјална болница, која се стационира пред Куманово, петмина доктори оперираа скршеници, а доаѓаа екипи и во Скопје. Некои од повредените се носеа и надвор во други болници. Набргу потоа градот се наполни со странски хуманитарци, па се слушаа разни јазици, како француски, англиски, романски, имаше од секаде, од целиот свет. Но Русите најмногу помогнаа -раскажува Плавевски.

Младите во акција

Првите денови по катастрофата, на 27 јули 1963 година, во градот пристигнале младинците, членови на скопските студентски младински работни бригади, кои во летото 1963-та биле на градилиштата низ Југославија и учествувале во изградбата на автопатот Братство-единство. Тие веднаш се вклучиле во спасувањето на граѓаните што биле заробени под урнатините, местеле шатори, учествувале во погребувањето на загинатите, а подоцна и во изградбата на населбите. Во организација на Претседателството на ЦК на Сојузот на младината на Југославија, на 5 август во Скопје започнала сојузната младинска акција во настраданото Скопје. Во знак на потсетување на тоа време, Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање акцијаши на територијата на општината Гази Баба годинава, по повод јубилејот 55 години од земјотресот, организира работни акции во периодот од 23 до -28 јули во акцијашкиот камп во студентскиот дом „Стив Наумов“. Плавевски се присетува како две недели по катастрофата во 1963 година стигнала наредба да се евакуираат сите деца, да се заштитат од разни епидемии, па едни се испраќале во Птуј, други во Марибор, Словенија.

– Имаше списоци по кои се качувавме на воз сите деца и тргнавме. Беше интересно тоа што во Ниш нѐ пречекаа со музика, ни пикаа во рацете пари, шишиња вода и храна, а така беше и на сите други станици. Невидено колкава хуманост се покажуваше и љубов и пријателство кон нас како деца – си спомнува Плавевски.

Таму научил словенечки, учел руски и стекнал многу пријатели. Сепак се вратил во Скопје, кое тогаш личело на вистинско градилиште. Градот повторно се наполнил со луѓе, се граделе бараки и помош доаѓала од сите страни. Градот полека-полека се издигал од пепелта.


Кој ли бил добитник на среќните лотоброеви тогаш!?

Денот бил петок, на 26 јули 1963 година, а во четврточниот број на „Нова Македонија“, од 25 јули, пишувало дека на лото биле извлечени среќните броеви 11, 12, 13, 19, 25, 49 и дополнителниот 40. Плавевски во својот роман прашува кој несреќник тогаш имал среќа да добие на лото. Насловната страница на „Нова Македонија“ од 26 јули имала вести од претходниот ден, од 25 јули. Некои од насловите се „Седница на Сојузниот извршен совет под претседателство на Петар Стамболиќ“, „Парафирана спогодбата за забрана на нуклеарните експерименти во Москва“, па „Просечни номинални примања во Југославија 27.300 динари“… Свечено пензионирани 60 машиновозачи. Плавевски се прашува дали на денот на земјотресот скопјани воопшто го добиле и го виделе новиот број на „Нова Македонија“.