Правилното користење на клима-уредите, освен одредување на температурата, наложува и редовно чистење, обично и бактериолошко. Климите ја предизвикуваат болеста легионела. Излегувањето од климатизирана просторија на отворено сонце може да предизвика промена на притисокот, дури и колабирање

Во летниот период зачестено се користат клима-уредите. Тие се спас во топлите денови, за се разладат домовите и работните простории, се разбира таму каде што ги има. Во периодите на топлотните бранови, со екстремно високи надворешни температури, некои корисници воопшто и не ги исклучуваат, ги оставаат да работат во текот на целиот ден. Големите температурни разлики меѓу внатрешните простории и надворешната температура кај многумина предизвикуваат здравствени проблеми, изразени пред сѐ преку температурни шокови, кои предизвикуваат низа други последици по човечкиот организам.

Лекарите препорачуваат организмот да не се изложува на температурни шокови. Доколку постои поголема разлика од 10 степени помеѓу надворешната и внатрешната температура, можат да настанат здравствени проблеми. При промена на средината, организмот може да реагира со покачување или спуштање на притисокот, при што може да се случи губење на свест, односно колабирање. Овие симптоми и други можат уште потешко да ги почувствуваат метереопатите, како и луѓето со други болести.
Правилното користење на клима-уредите, покрај нагодувањето на уредот за температурата, наложува и редовно чистење. Техничарите за клима-уреди велат дека тие се еден вид правосмукалки, го вшмукуваат и прочистуваат воздухот. Перките на клима-уредите и филтрите што не се чистат доволно содржат разни честички, а тие повторно завршуваат во воздухот. Тоа е причината за добивање на таканаречената легионерска болест. Лекарите објаснуваат дека оваа болест предизвикува респираторни проблеми и дека може да се случи оние што веќе заболеле и да не знаат дека станува збор токму за оваа болест. Поради сето ова ниту граѓаните ниту, пак, големите организации не треба да го запоставуваат редовното чистењето на клима-уредите.

Клима-инсталаторите велат дека нечистиот филтер може да ја предизвика легионерската болест, која предизвикува респираторни проблеми. Легионелата се пренесува преку водените капки што излегуваат од клима-уредот.

– Доколку се користи системот за климата често, во просек филтерот треба да се чисти двапати месечно. Во здравствените и општествените установи треба еднаш годишно да се врши антибактерско чистење. Во операционите сали еднаш во шест месеци, а ако се користи често и на три месеци. Секој климатизер е правосмукалка, го вшмукува воздухот од околината со сите гасови. Го филтрира и го враќа повторно назад во просторијата. Во просек дишеме околу 50 отсто непреработен воздух, кој се наоѓа во затворениот простор. Дел од прашината што се филтрира се задржува во вентилаторот, поточно во перките на вентилаторот кај климата. Тие честички што се задржуваат ако не се исчистат, се пренесуваат преку вентилаторот и повторно завршуваат во воздухот што го дишеме. Овие честички ја пренесуваат легионелата, попозната како легионерска болест – вели електротехничарот Перо Јаневски.
Јаневски објаснува дека познава видни луѓе што ја прележале легионелата, но некои од нив сѐ уште имаат компликации. Некои поради оваа болест добиле и астма. Смртноста од оваа бактерија во минатото била многу висока, но благодарение на напредокот на медицината, денес изнесува пет отсто и е последица на компликации на оваа болест. Според лекарите, лошото одржување и неадекватната примена на климатизацијата можат да предизвикаат алергиски реакции на астма, на алергените на мувлата и грините. Симптомите на легионерската болест може да се сувост на очите, грлото и носот, симптоми слични на алергиите, какви што се течење на носот и солзење на очите, отежнато дишење или симптоми слични на грипот.

– Легионелата предизвикува респираторни инфекции што се лекуваат со антибиотик. Но начинот на кој ќе реагира и продре легионелата зависи од организам до организам. Ако човекот има ослабен имунитет, оваа болест може да навлезе подлабоко и да настане воспаление на мозочните обвивки. За да се утврди дали постои ова заболување, потребно е да се направат серолошки испитувања на антитела за легионела. Кај некои луѓе легионелата поминува асимптоматски, поточно поминува без никакви симптоми. Тоа значи дека доколку лицето се тестира за оваа болест и тестот покаже дека е позитивно, а не покажува симптоми, тогаш не треба да зема антибиотици. Но ако се тестира и има симптоми, тогаш треба да се пијат антибиотици.

Луѓето што работат во големи климатизирани системи, како аеродроми или здравствени установи, во суштина секаде каде што има затворен систем на клима и немаа прозорци, треба редовно да го одржуваат тој систем. Легионелата се развива каде што има влага. Таа е типична во тропски предели. Но овој тип затворени системи прават внатрешни услови како во тропските предели и затоа овозможуваат да се појави – вели докторката Светлана Палевска.