Внатрешната контрола во рамки на градската администрaција, која започна да функционира од 17 септември годинава, според првичните извештаи ги дава резултатите со подобрување на услугите за граѓаните, оценува градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

До вчера на службениот е-маил [email protected] биле поднесени вкупно 81 барање – претставки од страна на граѓаните на Град Скопје, а по секој од нив е веднаш постапувано така што овластените лица од внатрешната контрола веднаш ги задолжиле одговорните административни службеници во рок не подолг од пет дена да постапат по предметот, истиот да го завршат и дадат повратен одговор како до странката така и до внатрешната контрола како би можело претставката да биде затворена со извештај, во спрoтивно се земаат на дисциплинска одговорност. Досега, рече Шилегов на средбата со новинарите, се изречени 19 опомени кон вработени.

Најмногу од претставките се однесуваат за незавршени предмети поврзани со: ненавремено изготвување проценки и решенија за утврдување данокот на промет на недвижности, наследство и подарок и данокот на имот, ненавремено завршување на предмети поврзани со пресметка за утврдувањето на надоместокот за легализација на бесправно изградени објекти и за пресметки за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште, предмети поврзани со користење простор пред деловни простории и ненавремена реализација на веќе изготвените решенија за сечење дрва.

Најмногу пријави од граѓани по сектори се констатирани во Секторот за планирање и уредување на просторот, Секторот за финансиски прашања, Секторот за комунални работи и во Сектор инспекторат

Градоначалникот Шилегов апелира до граѓаните да пријават секаков вид неправилности при постапувањето на гардската администрација на достапната меил адреса [email protected] со цел да се подобрат услугите на градот.