Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку сте возач во Скопје, задолжително на некоја од крстосниците низ градот ќе бидете сведок на питачење од страна на малолетни лица. Граѓаните сведочат на сѐ поголем број инциденти предизвикани од страна на децата питачи што не добиваат парична помош од страна на возачите. Освен што навредуваат, тие честопати плукаат по возилата и по возачите и удираат по автомобилите, оштетувајќи ги…

Зачестени инциденти предизвикани од децата питачи на скопските крстосници

Речиси на секоја крстосница, доколку застанете со автомобил, задолжително на прозорецот ќе ви тропне малолетно дете што ќе ви побара некој денар. Многумина од жал ќе им ги подадат железните парички што им тропаат во џебот, а други, пак, дрско ќе ги избркаат од своите возила. Децата најчесто мирно се повлекуваат, но има и такви што удираат по возилата, прават разни гримаси, па дури користат и пцости. Ваквата состојба не е ништо ново во градот, меѓутоа, сепак, граѓаните велат дека освен што е многу голем бројот на деца питачи, тие се доста безобразни и ги напаѓаат возилата на секој што не сака да им даде пари.

Плукање и удирање по автомобилите доколку не се исполнат барањата на питачите

Доколку сте возач во Скопје, задолжително на некоја од крстосниците низ градот ќе бидете сведок на питачење од страна на малолетни лица. Граѓаните велат дека се сведоци на голем број инциденти предизвикани од страна на децата питачи што не добиваат парична помош од страна на возачите. Освен што навредуваат, тие честопати плукаат по возилата и по возачите и удираат по автомобилите.
– За да одам на работа, секојдневно минувам кај „Бриколаж“ и тоа што се случува таму навистина е вандализам. Јас лично не можам двапати на ден секојдневно да давам пари на питачите. Понекогаш, кога имам, давам и им помагам, но не можам да си дозволам да го правам тоа секојдневно. Кога ќе одбијам да им дадам, се соочувам со вандализам од страна на децата. Оставени се сами на улиците, никогаш не гледам некој возрасен со нив. Удираат по мојот автомобил со сета сила, а пред некој ден, откако одбив да им дадам пари, едно од децата застана на прозорецот и почна да го лиже, удирајќи силно со рацете по него. Што да направи човек во таква ситуација? Знам дека имаат потреба од пари, најверојатно се принудени од страна на нивните роднини или родители да го прават тоа, наместо да посетуваат настава за да се социјализираат, но ова секојдневно малтретирање апсолутно е недопустливо – вели Перо Тодоровски.
Дека тоа е така речиси на секоја крстосница откриваат и други граѓаните што со своите возила биле „жртви“ на питачите.
– Жално е толку мали деца да растат на улица. Некои од нив секојдневно ги гледам како користат лепило, се тепаат, играат така што претрчуваат преку улицата кога семафорот е зелен…, така се забавуваат. Родителите се тие што треба да преземат одговорност, не смеат деца вака да бидат оставени на улица. Ги гледам и кога врне и кога е жешко, гледам како уништуваат сообраќајни знаци, корнат зеленило од жардиниери… Овде, во Автокоманда, се сместени во една од напуштените бараки на самата улица и секојдневно се тука на крстосницата. Јасно ми е и дека е залудно сѐ што ќе преземат надлежните, бидејќи сите мерки се со привремено решение. Децата повторно ќе бидат вратени на улиците. Треба посериозни и поригорозни казни за родителите, за да се спасат децата и да се вратат на вистинскиот пат – вели Марио Стефановски.

СЕ МАПИРААТ ДЕЦАТА НА УЛИЦА

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека постојано ја следат состојбата со децата питачи и се преземаат мерки за нивна помош и заштита во согласност со методологијата на работа на Центарот и законските прописи донесени од страна на Министерството.
– Во таа насока, поради зголемениот број на питачи, се наметна потреба од преземање конкретни активности за точно мапирање на децата на улица. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика и ЈУ МЦСР-Скопје во соработка со МВР, подготвуваат месечни планови за теренски активности на целата територија на градот Скопје, каде што постапуваат инспектори за малолетници и стручни лица од ЈУ МЦСР на Град Скопје – информираат од МТСП.
Оттаму додаваат дека не преземаат активности во однос на полнолетни лица, но доколку со нив има и малолетно лице, улогата на стручните лица од Центарот е нивна идентификација за потребите за понатамошно постапување.
– Доколку се идентификува малолетно лице, стручните лица од Центарот преземаат низа активности во насока на заштита на правата и интересите на детето, односно се прави процена на семејството и капацитетите на родителите во однос на вршењето на родителската должност; се помага при вадење на потребната документација; се даваат насоки за остварување на правата од социјална и детска заштита, односно вклучување на семејството во системот на социјална заштита; се врши советување со родителите, односно јакнење на родителските капацитети; спрема детето се применуваат мерки на помош и заштита во согласност со Законот за правда на децата; помош и поддршка за вклучување на децата во редовното образование преку соработка со училиштата, како и вклучување на децата во дневен центар за деца на улица сѐ до нивното вклучување во редовно образование – информираат оттаму.
Од Министерството дополнително велат дека доколку кај одредени семејства се утврди дека, и покрај насоките дадени од страна на стручните лица од Центарот, тие повторно се евидентираат, се преземаат одредени постапки, односно родителите се ставаат под надзор на Центарот во однос на вршење на родителското право и должност, при што истите тие се задолжуваат за преземање одредени активности за остварување на правата на детето. Доколку и овие преземени мерки не даваат позитивни резултати, детето може привремено да биде одземено од родителите и соодветно згрижено од страна на Центарот сѐ до промена на околностите, односно до процена што е во најдобар интерес на детето.
– Покрај заедничкото постапување со МВР, стручни лица од ЈУ МЦСР на Град Скопје постапуваат и по секоја пријава од граѓани и добиени писмени известувања од институции, како и при редовни теренски активности – велат од Министерството за труд и социјална политика.

[email protected]