Некои од игралиштата во Скопје - Север се користат како паркинзи

Жители од повеќе скопски населби велат дека не паметат кога последен пат е изградено ново игралиште за најмалите. На некои од игралиштата, пак, на кои сега си играат децата, си играле и нивните родители кога биле мали

Во некои скопски населби детските игралишта се во навистина лоша состојба. Скопјани коментираат дека некои од општинските градоначалници одамна имаат заборавено да градат детски игралишта, кои навистина се неопходни во урбаните средини за забава и рекреација на најмладите. За жал, некои дури и заборавија да ги обноват барем постојните, кои имаат многу стари искршени реквизити. Жители од повеќе скопски населби коментираат дека заборавиле кога последен пат е изградено ново игралиште за најмалите.

Така на пример во скопската населба Скопје – Север детските игралишта на кои сега си играат децата се истите на кои можеби си играле и нивните родители кога биле мали. Само неколкупати се поправени искршените делови од клацкалките на едното, а другото, пак, е сосема уништено и необновено. Речиси повеќе од три децении во оваа населба не е изградено ниту едно ново детско игралиште. На веќе постојните децата летово си играат во прашина. Наместо некоја мека подлога, на игралиштата има прав, павер-елементи посипани со ситна ризла, па секој пад од кој било реквизит или при трчање на најмалите завршува со раскрвавени коленици и лакти, иако може да биде уште полошо.

Нема многу детски игралишта ниту во населбата Автокоманда, а тамошните граѓани велат дека само одвреме-навреме се обновуваат искршените реквизити. Нема многу игралишта и во општината Чаир. Ниту од општината Бутел, ниту пак од Гази Баба не ни одговорија на прашањето кога последен пат во нивната општина било изградено или обновено детско игралиште.

– Живеам во населбата Скопје – Север веќе четврта деценија и можам да кажам дека откога сум тука ништо не е променето на детското игралиште на улицата Боро Менков. Децата играат на крупна ризла и павер-елементи наместо на некоја побезопасна подлога. Наоколу најчесто има висока трева и премногу ѓубре, па во непосредна близина на детското игралиште се дури и контејнерите, околу кои исто така има премногу ѓубре, шут и кабаст отпад. Фонтаната што е во близината на игралиштето одамна е нефункционална и децата на жештиниве немаат каде да се напијат вода. Ништо не е подобра ниту состојбата со игралиштето една улица погоре, кое попладне повеќе се користи како паркиралиште отколку како игралиште – се пожали жителка од населбата.

Не можат да се пофалат со некое ново игралиште ниту граѓаните од општината Гази Баба. Веројатно поради негрижата на надлежните, во оваа скопска општина деновиве млади луѓе од урбаната заедница Кирил Петрушевски со пример покажаа колку малку е потребно за некои од детските игралишта да станат поубави и попријатни места за младата популација. Тие, откако ги пребоија клупите и реквизите на две од трите игралишта и ги подновија, фотографиите од она што го направија ги споделија на социјалните мрежи, по што следуваа лавина коментари од граѓаните. „Браво за младинава, големо ’уа’ за општината што нема слух да го поправи она што може да функционира“, беше еден од коментарите. „Нека учат и општинските власти дека треба сѐ да се одржува“, пишува Снежана Неделковска.

Наместо надлежните, во Гази Баба младите обновија игралишта

Многумина во коментари бараат респект за младите од ова населено место и изразуваат надеж дека и други ќе го следат нивниот пример. Но, и покрај убавиот гест што го направиле овие младинци, кои со само малку пари корисно го потрошиле своето слободно време, сепак детските игралишта се обврска на општините и тие треба не само да ги поправаат туку да создаваат што повеќе вакви катчиња за младите.
Така, на пример, општината Ѓорче Петров до крајот на октомври годинава ќе изгради четири нови детски игралишта на различни локации.

– На територијата на општината Ѓорче Петров има вкупно околу 25 детски игралишта. Според програмата, двапати годишно ги обновуваме детските игралишта, а последен пат ново игралиште изградивме минатата година. Сега веќе завршува тендерот за четири нови детски игралишта. Мора да напоменеме како што се прават детски игралишта, така и се кршат – вели Весна Куксановиќ, портпаролка на општината Ѓорче Петров.