Поради оштетена цевка, минатата недела две населби немаа вода

На скопјани им дојде прекуглава ненадејно да остануваат без вода само поради градежните фирми, кои најчесто од невнимание или можеби бидејќи не се раководат според подземен катастар оштетуваат водоводни цевки. И не само цевки, многупати се оштетуваат и електрични или оптички кабли. Само пред неколку дена цели две населби во градов, Тафталиџе 2 и Козле, останаа без вода, а од ЈП „Водовод и канализација“ известија дека дефектот на улицата Теодосиј Гологанов, наспроти фабриката „Реплек“ настанал поради технички неисправно затрупување на ископот, од страна на фирмата што барала приклучок за новоизградена зграда.

Во некои медиуми од фирмата тврдеа дека ископот што го направиле го потрупале според процедурите. Ден потоа следуваше прекин на водоснабдувањето за дел од жителите во Припор, повторно поради приклучна цевка од Ф-1 цол на улицата Христо Татарчев. Прекинато водоснабдување имаа корисниците од првата зона на населбата, а од ЈП „Водовод и канализација“ ги информираа граѓаните дека прекинот ќе трае до санирање на дефектот. И како по редослед, минатата недела наредниот ден во средата, поради дефект на приклучна цевка ф-1 на ул. Дрезденска 26, прекинато водоснабдување имаа корисниците од оваа улица од 9 часот наутро до завршување на работите.

Во општината Аеродром, поради градежната офанзива, речиси постојано се случува некој дел од населбите да нема вода или струја поради прекината цевка при изведба на градежните работи. Ваквите примери го наметнуваат прашањето кој и зошто дозволува да се случува прекинување на подземни инсталации толку често, користат ли фирмите подземен катастар, имаат ли стручен надзор кога им се издадени технички услови за приклучување објекти или при завршувањето на нивната законската обврска кога мораат ископите што ги направиле да ги затрупаат и да ги вратат во првобитна состојба. И на крајот кому да му се пожалат граѓаните кога ненадејно од невнимание некој ќе ги остави без вода.

Од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека затрупувањето според процедурите го врши фирмата што бара приклучок, а таа мора да постапи по сите технички норми и процедури. Фирмата треба да изврши обезбедување на постојната водоводната цевка со анкерни блокови, а затрупувањето треба да го прави во слоеви од по 30 см.

– ЈП „Водовод и канализација“ како јавно претпријатие што се грижи и стопанисува со постојната водоводна и канализациска мрежа на градот Скопје има обврска преку своите служби да му издаде решение за приклучок на некој објект на истата таа.

Притоа „Водовод и канализација“ е должен да го изведе самото приклучување односно поврзување на објектот на постојната мрежа, а самиот барател – инвеститор е задолжен да го изведе прекопот од својот објект до постојната мрежа и истиот тој да го врати во првобитна состојба. Притоа е должен да се обрати до соодветната општина или до градот Скопје, во зависност под чии ингеренции е улицата и да добие дозвола за прекоп од нив. Ова значи дека дозвола за прекоп на улица се добива од општината или од градот, а самиот инвеститор или фирмата што работи за него, би требало совесно да го врати во првобитна состојба местото на прекопот, во согласност со договорот меѓу инвеститорот и тој што ја дава дозволата за прекоп – објаснуваат од „Водовод и канализација“.

Оттаму сметаат дека одговор на прашањето околу тоа колку често се случуваат нестручно изведени прекопи, најдобро е да се побара од самите општини или од градот Скопје. Истото тоа се однесува и на прашањето дали можат да бидат казнети за нестручно изведената работа и за тоа кому граѓаните можат да му се обратат за евентуално настаната штета. Од претпријатието напоменуваат дека „Водовод и канализација“ доаѓа да го поврзе објектот на градска улична водоводна или канализациска мрежа откога прекопот е веќе направен, а за неговото враќање во првобитна состојба не е одговорен. Од градот се со одговор дека фирмите што изведуваат градежни активности на јавни површини, должни се да ја заштитат подземната инфраструктура и по завршувањето на работите да ја доведат во првобитна состојба. Ова е правило што важи како за приватните фирми, така и за јавните претпријатија.

– Сите субјекти што изведуваат прекопи на јавни површини, треба пред да почнат со работа да склучат договор со градот Скопје и да преземат обврски во насока на заштита на подземната инфраструктура, како и на враќањето во првобитна состојба, со приложување банкарски гаранции доколку не ги испочитуваат преземените обврски. Доколку се спроведуваат активностите, според предвидената регулатива, субјектите веднаш, самите или со ангажирање стручни претпријатија, ги санираат настанатите штети – велат од градот.

Но ниту од „Водовод и канализација“ ниту од градот не кажа кому може да му се пожалат граѓаните во случаи кога фирмите ќе направат штета и ќе ги остават без вода или струја.