По секој дожд старите автобуски станици се полнат со вода

По секој дожд, многу од старите автобуски станици на јавното сообраќајно претпријатие се полнат со вода, а граѓаните не можат да се засолнат под покривите на таканаречените жолти печурки. Старите покривни контракции воопшто не им служат на граѓаните во вакви временски услови, а автобуските не само што протекуваат туку се отворени од сите страни. Токму затоа оние што чекаат автобус не се засолнети ниту кога врне ниту пак кога дува ветер. Таква е на пример автобуската станици во Карпош, кај „Симпо“, но и повеќето од старите низ градов. Евидентно е исто така дека има автобуски станици на кои нема никакви натстрешници, ниту пак ознака дека токму тука стојат автобусите на јавниот градски превоз. Таква е автобуската станица во скопската населба Скопје Север, пред црквата „Свети Никола“. Зошто овие стојалишта за граѓаните останаа неуредени, со новите застаклени станици, опремени со урбана опрема, ги прашавме во ЈСП „Скопје“ и побаравме одговор дали ќе продолжи проектот за поставување нови автобуски станици и доколку продолжи колку нови стојалишта се планирани и колку чини нивното поставување. Од претпријатието посочија дека во предлог-буџетот на градот Скопје за 2019 година, има предвидено ставка во висина од 10 милиони денари наменета за реконструкција на автобуски станици и улици.

Инаку градот и ЈСП „Скопје“, поставувањето на новиот тип автобуски станици го почнаа во 2013 година, најпрво по должината на булеварите Партизански одреди, Јане Сандански и Кузман Јосифовски-Питу. И во 2016 година беа поставени 52 нови автобуски станици, а проектот чинеше 11 милиони денари. Во правта фаза од проектот беа поставени 226 автобуски станици за што беа одвоени 66 милини денари од градскиот буџет. Пет години потоа на Партизански одреди сѐ уште не се заменети неколку стари автобуски станици.

– Проектот за нови автобуски стојалишта, поставување нова урбана опрема, односно натстрешници не е запрен, тој целосно е реализиран во согласност со утврдениот, првичен план. Во рамките на проектот, кој почнал да се реализира во 2013 година, а завршил во 2017 година, биле уредени вкупно 277 автобуски стојалишта на кои се поставила нова урбана опрема со три типа натстрешници: единечни, двојни, носач. Во согласност со последните анализи на терен, направени пред 2 месеца, автобуски станици недостигаат на 14 автобуски стојалишта. Поточно, на овие локации или воопшто нема натстрешници или има од стариот тип. Во случајов, станува збор за локации на кои се наоѓаат привремени објекти и за нив ЈСП „Скопје“ навремено има испратено барање до општинските власти да обезбедат услови за поставување на натстрешниците, односно да ги расчистат посочените локации од привремените објекти – објаснија од ЈСП „Скопје“.

Такви локации, појаснуваат од претпријатието, се станицата „Поликлиника Букурешт“ кон центар, станицата „Хотел Карпош“, станицата „Карпош 2“, станицата „Мал одмор“. Од ЈСП тврдат дека посочените локации, општината Карпош, треба да ги расчисти од привремени објекти, за да може ЈСП да ги постави предвидените натстрешници.
– Неколку натстрешници не се поставени поради неопходноста за утврдување, односно усогласување на локациите по новиот сообраќаен режим во согласност со насоките на градот Скопје и на случајот се работи. Такви се на пример: станицата „Јаја-паша“ кон центар, „Јаја-паша“ кон Бутел, „Александар Палас“ кон центар, „Чаир згради“ кон Бутел – информираат од ЈСП.

Новите автобуски натстрешници се изградени од не’рѓосувачки челик и лексан. На секоја од нив има рекламно пано, по една клупа за седење на единечните и две на двојните, како и канти за ѓубре. Автобуските станици се заградени се сигурносно стакло.

Од ЈСП велат дека по потреба, надвор од реализираниот проект, опремуваат нови стојалишта со неопходната урбана опрема. Последен таков пример е новата автобуска станица во Хиподром, кај тренинг-центарот на ФК Вардар кон центар. Истовремено, по потреба велат дека се санираат и утврдени оштетувања на постојните станици. Но, евидентно е дека во многу делови од градов не само што недостигаат нови автобуски станици, туку недостигаат и електронски табли од кои граѓаните би можеле да се информираат за колку време ќе им пристигне автобусот што го чекаат.