На плоштадот „Македонија“ на манифестацијата „Матурска парада 2019“, матурантите и годинава традиционално на звуците на Штраус го одиграа танцот квадрил. Учествуваа околу 1.000 матуранти од Скопје, кои точно напладне танцуваа со своите врсници од другите градови во земјава. Матурската парада првпат почна да се организира во Љубљана, главниот град на Словенија, а нашите матуранти од Скопје и од Охрид, на оваа манифестација првпат заиграа во 2007 година. На матурантите им се обрати градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, посакувајќи им знаењата и искуствата што ги стекнале да им помогнат во иднина за да бидат подобри луѓе. Матурантите ги поздрави и претставник на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја. Годинашната матурска парада се одржа по 13-ти пат, а целта е поврзување на младите преку синхронизиран танц.