Градот ќе го награди најдоброто идејно решение Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градот Скопје денеска ќе распише конкурс за избор на идејно решение за уредување нов парк меѓу кејот на Вардар и булеварот Илинден, во Карпош 4. Станува збор за површина од 60.000 квадратни метри, односно простор шест пати поголем од паркот „Ибни Пајко“. Оваа земјишна површина сега е непристапна и небезбедна и на неа има дива депонија, која претставува жариште на диви депонии и огнови на отворено. Конкурсот ќе трае два месеца, а најдобрите идејни решенија ќе бидат наградени со награден фонд до 10.000 евра.

– Јавните градски претпријатија веќе почнаа да ги отстрануваат шутот и отпадот од оваа депонија и да ја расчистуваат површината. На овој простор ќе бидат поставени содржини за спорт и рекреација, а ќе биде предвиден и простор за ботаничка градина, за што разговаравме со граѓаните. Дополнително, планирана е изведба на сервисна улица и два моста. Една по една, неуредените јавни површини ги претвораме во паркови. Непристапните и небезбедните површини, кои се диви депонии и диви паркиралишта, ги уредуваме и ги отвораме за сите граѓани. Подигнуваме нови зелени површини. На овој начин вложуваме во подобра животна околина, но и во подобрување на квалитетот на воздухот – вели градоначалникот Петре Шилегов.
За градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, новата парковска површина ќе претставува нови бели дробови на градот.

– На местото на децениските депонии, каде што се фрлале и остатоци од разурнатите објекти од скопскиот земјотрес во 1963 година, започнуваме со изведба на нов парк. На површина од 60.000 квадратни метри ќе се добие ново, уредено зеленило со многу содржини за граѓаните. Сакам да истакнам дека по должината на овој потег, веќе интензивно се работи на Спортско-адреналинскиот парк, кај вештачката карпа, па со уредувањето и на овој дел градот ќе добие нов зелен појас и филтер на воздухот. Сигурен сум дека оваа локација ќе прерасне во една од поатрактивните спортско-рекреативни зони во нашиот град – нагласува Богоев.